За одредени рекламни кампањи, како што се наградни игри и политички кампањи, постојат законски обврски со утврден период за нивно отстранување по завршувањето на настанот и тие мора да бидат испочитувани целосно од страна на рекламните агенции.
Низ градските улици често се забележуваат реклами на билборди и плакати со кои граѓаните се повикуваат на концерти и изложби што веќе завршиле, попусти во трговските центри што веќе не важат или на избори што се одржале пред недели или месеци. Минувачите, а особено странците, се збунети од сите најави и информации, за кои не знаат кои се важечки, а кои не, и велат дека не можат да се снајдат во рекламниот хаос на билбордите.
– Поставените реклами на билбордите стојат и по неколку месеци откако ќе заврши одредена манифестација. Не знам зошто не ги тргаат старите и не се поставуваат нови реклами или едноставно зошто билбордите не се остават празни без да информираат погрешно. Старите реклами создаваат конфузија и кај странците, мислејќи дека кај нас во тек се избори, иако тие одамна завршија – вели Тоше Стојановски од населбата Злокуќани.
Отстранувањето како дополнителен трошок на агенциите
Градските власти велат дека немаат никакви надлежности во оваа проблематика. Тие немаат надлежност ниту да ги предупредуваат ниту, пак, да ги казнуваат фирмите што оставаат низ градот стари реклами со информации што не важат.
– Поставувањето на содржините на билбордите и времетраењето на промотивните активности се исклучиво права, обврски и одговорност на концесионерите и нивните клиенти и тоа не е дел од концесиските договори со нас за закупување на информативните паноа – објаснуваат надлежните на градот.
На јавните огласи што ги распиша градот за поставување рекламни паноа се избрани четири концесионери, „Акцент медија“, „Скринмедија“, „Кала плакат“ и „Медија-С“.
Рекламните агенции велат дека неретко се случува на не толку атрактивни локации да има мала побарувачка за изнајмување на билбордите, па токму поради тоа старите информации стојат со месеци само затоа што друг не побарал да се рекламира на тоа место. Агенциите појаснуваат дека за нив е дополнителен трошок да испратат екипа да ги смени старите реклами пред некој друг да го закупи местото со нова содржина. Токму поради тоа се случува да гледаме стари попусти, најави, предлози за политички лидери и најави за концерти, кои само збунуваат и погрешно информираат.
Од рекламната агенција „Акцент медија“ велат дека надворешното рекламирање е актуелно преку целата година, со тоа што постојат одредени периоди кога побарувачката е зголемена. Оттаму истакнуваат дека во март, јуни, септември и во декември има најголема побарувачка за рекламирање.
– Наша редовна практика е новите кампањи да почнуваат веднаш по завршувањето на претходните, за да имаме ефективност во изнајмувањето на рекламните објекти. Во секој случај, во зависност од потребите на клиентите, тоа секојпат не е изводливо во целост, па понекогаш може да се појави вакуум-период помеѓу завршената кампања за одреден клиент и почетокот на нова кампања на нов клиент – велат од „Акцент медија“.
Законски обврски за отстранување
Оттаму додаваат дека за одредени рекламни кампањи, како што се наградни игри, политички кампањи и слично, постојат и законски обврски со одреден период за нивно отстранување по завршувањето на настанот и тие мора да бидат испочитувани целосно од страна на рекламните агенции.
– На објектите што ги поседува „Акцент медија“ не остануваат стари реклами по завршувањето на настаните, затоа што нашите екипи за поставување и одржување на рекламните објекти се постојано на терен и ажурно ги спроведуваат своите работни обврски. Доколку одредена кампања е завршена, а рекламниот простор не е продаден веднаш по нејзиното завршување, се поставува логото на нашата компанија – велат оттаму.
При изнајмувањето рекламен простор на кој било клиент секогаш е договорен периодот за почеток и крај на неговата рекламна кампања.
– Имаме голем број клиенти што го закупуваат рекламниот простор на подолг временски период, неколку месеци или годишен закуп, во зависност од нивните потреби и планирани маркетинг-активности – истакнаа од „Акцент медија“.
Оттаму додаваат дека редовниот ценовник е формиран врз основа на закуп од 4 недели. А цените за закуп се различни во зависност од видот на рекламниот простор, неговите димензии, местоположбата…
Автор на текстот е Катерина Панчевска / katerina.p@novamakedonija.com.mk и истиот првично е објавен во Нова Македонија на следниов линк.