Британскиот мултинационален ланец на маркети Tesco ја објави својата нова празнична реклама со која триумфално прогласува дека оваа година нема „лоши деца“, па секој треба да се почасти или да добие она што го сака за Божиќ.
Едноминутниот хумористичен спот се осврнува врз тешкотиите на пандемијата и на сите мали и големи грешки (и прекршени правила) кои различни луѓе ги направиле во текот на годината, поради што мислат дека треба да се најдат на листата на „лоши деца“ и да не добијат божиќни подароци. Меѓутоа, Tesco ги охрабрува дека оваа година таа листа не важи, па слободно можат да се препуштат на празничното уживање. Еден од нив е и самиот Дедо Мраз.
Рекламата е пропратена со песната „Oops! …I Did It Again“ („Упс! …Го направив повторно“) од Бритни Спирс, која комбинирана со основната наративна идеја на кампањата, внесува еден дополнителен аспект на ведрина и хумор во целата приказна.
Кампањата е остварена со помош на креативната агенција BBH London и продукциската куќа Somesuch.