Стриминг платформата Spotify ја лансираше својата прва глобална кампања во 2020 година, насловена “Music, Meet Podcasts” („Музико, запознај се со подкастите“). Кампањата го означува и воведувањето на новиот слоган на брендот кој гласи “Listening is Everything” („Слушањето е сé“), акцентирајќи ја важноста на музиката и подкастите во инспирацијата и поврзувањето на слушателите на глобално ниво.
Кампањата вклучува серијал на дигитални видео спотови кои претставуваат дел од музичарите и подкастерите кои може да се најдат на Spotify, како Калвин Херис, Тоув Ло, Мишел Обама и Естел Перел, презентирајќи ја разноликоста на ексклузивните содржини на Spotify кои привлекуваат преку 300 милиони слушатели.
Кампањата вклучува и краток анимиран филм насловен „Same But Different“ („Исти, но различни“), кој илустрира како слушателите од целиот свет ја ползуваат музиката и подкастите во секој слободен момент, при секое расположение или активност, истакнувајќи дека во истата секунда, „совршени странци“ кои воопшто не се познаваат може да слушаат иста песна или подкаст.
Покрај видео спотовите, кампањата ќе вклучува активности на социјалните медиумите, како и дигитални и out-of-home реклами во 23 пазари низ светот.