Стриминг-сервисот Spotify ја претстави својата сопствена аналитичка платформа, која ќе им овозможи на огласувачите да ги мерат перформансите на нивните аудио реклами кои се пласираат во рамки на апликацијата.
Платформата Spotify Ad Analytics првично ќе биде достапна на 11 светски пазари, и тоа: Велика Британија, САД, Канада, Мексико, Бразил, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австралија и Нов Зеланд.
Платформата вклучува збир на алатки кои ќе им овозможат на огласувачите да ја измерат ефективноста на нивните реклами прикажани низ музика и поткасти.
Маркетарите ќе можат да овозможат следење на реклами со платформата кога го инсталираат Spotify Pixel на нивниот веб-сајт. Резултатите потоа може да се следат во централизирана „контролна табла“, до која може да се пристапи без дополнителни трошоци по создавањето на корисничката сметка на аналитичката платформа.
Интерфејсот вклучува визуелни графикони и може да им каже на огласувачите низа податоци за перформансот на нивните реклами, вклучувајќи го бројот на импресии, просечниот број пати кога уникатен корисник бил изложен на реклама и бројот на корисници кои стримувале реклама на платформата.
„Со лансирањето на Spotify Ad Analytics, ние им олеснуваме на нашите клиенти да пристапат до поцелосни решенија за мерење, со цел да дојдат до поголемо влијание на глобално ниво. Воведувањето на оваа нова услуга е критичен чекор за докажување дека Spotify не е само дестинација за усогласување на вашиот бренд со културата, туку е и место за постигнување на вашите маркетиншки цели и деловни резултати“ – посочи Пер Сандел, потпретседател за производи во Spotify.