Повторно е оној период од годината во кој се навраќаме на успесите и недостатоците од изминатата година и носиме одлуки за следната. Што се однесува до најпопуларниот стриминг сервис за музика во светот Spotify, ова е периодот од годината кога се објавуваат нови „чудни“ и интересни податоци за слушачките навики на корисниците.
Ова е најновото, трето дополнување на сега веќе традиционалната, „Wrapped“ кампања, во која преку кративни outdoor реклами Spotify соопштува интересни податоци во стилот на минатогодишната „Еден корисник ја преслушал песната „Bad Liar“ од Селена Гомез 86 пати во денот кога Шон Спајсер (поранешниот портпарол на „Белата Куќа“) си поднел отставка“.
„Нашите корисници научија да го очекуваат новото дополнување на кампањата „Wrapped“ на крајот од годината и се желни да видат колку нивните интеракции на Spotify се совпаѓаат со трендовите во глобалната Spotify заедница. Во исто време, кампањата служи како големо „Благодарам“ до нашите корисници за нивното колективно влијание врз обликувањето на платформата во текот на изминатата година, дополнително зацврстувајќи го нашето место во глобалниот културен лексикон,“ изјави Џун Соваже, глобалниот директор за кориснички маркетинг на Spotify, во соопштение по повод овогодишанта кампања.
Оваа година, брендот не се фокусира само врз слушачките навики за музика, туку во анализата ги додава и подкастите. Една од рекламите во кампањата гласи: „My Favorite Murder („Моето омилено убиство“) бил омилениот подкаст на 327,676 корисници на Spotify оваа година. Внимавајте, еден од нив можеби е токму зад вас.“
Исто така, поголем фокус е ставен и на креирањето плејлисти во овогодишната кампања. „Ако некогаш сте пребарувале плејлисти на Spotify, знаете дека луѓето може да бидат многу креативни во именувањето на нивните плејлисти, што е една од причините зошто Spotify се одлучи да се фокусира на нив“, изјави Алекс Бодман, глобален извршен креативен директор на компанијата.
„Фактот што корисниците на своите плејлисти им даваат смешни наслови или ги користат за да искоментираат некој поголем културен тренд, само го збогатува материјалот,“ дадава Бодман.
Еден корисник направил плејлиста насловена „Не ми е гајле што вели календарот, сега е Божиќ“ и се најде во кампањата. Има и друга реклама со Аријана Гранде и нејзиниот овогодишен хит „God is a Woman“, при што 28,802 корисници создале плејлиста насловена „God is a Woman“. Од друга страна, биле создадени и девет плејлисти со наслов „God is a Man.“
Како и со минатите изданија на кампањата „Wrapped“, која вклучува digital, social и out-of-home активности, се’ е реализирано in-house од Spotify. Овогодишната кампања вклучува повеќе од 50 артисти, а ќе се прикажува во Австралија, Бразил, Канада, Колумбија, Данска, Франција, Германија, Индонезија, Мексико, Филипини, Обединетото Кралство и САД.