Стриминг платформата Spotify претстави нова видео програма за да ги привлече креаторите на поткасти да ја прифатат визуелизацијата, односно да излезат од рамките на обичните аудио преноси и да навлезат во светот на видео содржините.
Претставената партнерска програма (Spotify Partner Program) има за цел да ги претвори креаторите на поткасти во „видео ѕвезди“, со можност за монетизација врз основа на ангажираноста на публиката. Имено, поткастерите ќе можат да заработуваат преку споделување на реклами, но и да одредуваат месечни претплати за лојалните слушатели кои сакаат да добиваат ексклузивни содржини или други поволности.
Креаторите кои сакаат да бидат дел од програма, сепак, мора прво да исполнат неколку специфични критериуми: тие треба да користат „Spotify for Creators“ за да ја хостираат нивната содржина и да постигнат одреден број на часови на пренос и уникатни прегледи. Почнувајќи од јануари 2025 година, програмата ќе биде достапна на пазарите во САД, Обединетото Кралство, Австралија и Канада.
Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек, го истакнува фокусот на компанијата за подобрување на искуството како на креаторите, таката и на слушателите, особено за премиум корисниците. Претплатниците на Spotify Premium ќе можат да гледаат видео-поткасти без прекини за реклами.
„Spotify Premium одамна го постави стандардот за слушање на кој било уред. Со испорачување на најдоброто видео во својата класа, непрекинато со паузи за реклами, а во комбинација со флексибилноста и сеприсутноста на Spotify, можеме да обезбедиме искуство за вашата публика што е супериорно од која било друга платформа. И со тоа што вам, креаторите, ви даваме други начини за монетизација освен рекламите, ве ослободуваме да поминувате повеќе време правејќи го она што го сакате: создавањето содржини“ – посочува Даниел Ек.
На овој начин, креаторите на содржини не само што добиваат дополнителен начин за монетизација, туку имаат и шанса да создадат поизвонредно искуство за своите обожаватели. Засега, овој модел се чини дека е начин за Spotify да профитира од порастот на видео содржината, без притоа да ги отуѓи своите основни корисници кои примарно ги консумираат содржините преку аудио.