Платформата за стриминг на аудио содржини Spotify тестира технологија за гласовно клонирање со цел да ги глобализира поткастите, односно да понуди можност за нивно слушање на повеќе јазици, притоа задржувајќи ја препознатливата боја на гласот на вашите омилени поткастери.
Главната идеја зад „Voice Translations“ е да го преведе говорот на поткастерот на различни јазици. Со тоа, стриминг платформата има намера да испорача автентично аудио искуство за публиката ширум светот, рушејќи ги јазичните бариери.
Иако специфичните технички детали остануваат неоткриени, се чини дека пристапот на Spotify вклучува гласовно клонирање – процес кој го обучува компјутерскиот модел базиран на вештачка интелигенција да генерира говор врз основа на претходно внесени гласовни примери и текст.
Сосем разбирливо, ваквата технологија предизвика загриженост кај дел од корисниците поради нејзиниот потенцијал за злоупотреба. Меѓутоа, од Spotify предвидуваат попозитивна примена за технологијата. Платформата има за цел да го олесни преводот во реално време, со што ќе ја прошири пристапноста на содржината и ќе ги запознае слушателите со поширок спектар на поткастери од различни културни средини.
Во моментов, технологијата за гласовно клонирање на Spotify се наоѓа во пилот фаза, во соработка со поголем број поткасти кои ги водат познати личности како Дакс Шепард, Лекс Фридман, Стивен Бартлет, Моника Педман и Бил Симонс.
Функцијата во текот на следните неколку недели ќе може да ја испробаат корисниците на бесплатната и премиум верзијата на Spotify на француски, шпански и германски јазик, но за ограничен број епизоди.