Брендот на безалкохолен пијалак Sprite објави нова инспиративна реклама со која ги охрабрува креативците никогаш да не запрат да сонуваат, дури и во овие тешки околности во кои се наоѓа светот.
Спотот насловен „Dreams“ (Соништа) прикажува четири млади креативци кои осамено работаат на своите проекти за време на карантинот – жена која пишува или црта на својата тераса, рапер кој создава музика и пишува текстови, танчар кој вежба нова кореографија и модна дизајнерка која го шие своето најново дело. Она што нив сите ги обединува во рекламата, покрај креативноста, е присуството и консумацијата на Sprite.
Видеото е пропратено со нарација на стихови од истоимената поема “Dreams.” на американскиот поет и писател Ленгстон Хјуз.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Wieden + Kennedy New York и претставува дел од пошироката кампања “Thirst for Yours” која има за цел да ги помага и засили гласовите на младите афро-американски креативци.