Со заедничкиот проект „Стартап пакет/Стартап гаража“, македонската маркетинг агенција McCann Skopje и клиентот Халкбанк АД Скопје се пласираа во финалето на регионалниот креативен натпревар BalCannes 2025.
Кампањата „Стартап пакет“ е инспирирана од приказните за почетоците на голем број познати светски брендови, кои што својот бизнис го започнале во гаража. Целта е мотивација на сите млади луѓе кои што сакаат да започнат бизнис врз основа на некоја лична идеја. Притоа, со поставените мотивирачки пораки на скопските гаражи, клиентот Халкбанк се позиционираше како искрен поддржувач на претприемачите чии идни проекти ќе ја обликуваат и ќе ја унапредат македонската економија.
„Во срцето на секој одличен дизајн лежи способноста да се претвори обичното во извонредно. За стартап пакетот на Халкбанк, ги трансформиравме гаражните врати – како едноставни, занемарени површини – во влијателни медиуми за раскажување приказни. А, дизајнот имаше голем удел во сето тоа!“ – посочуваат од агенцијата, понатаму објаснувајќи: „Се одлучивме за суптилен пристап кон процесот на дизајнирање, почитувајќи го контекстот и дозволувајќи му да зборува сам за себе, бидејќи медиумот т.е. гаражните врати беа составен дел од приказната. Со префинет, минималистички пристап, избегнувајќи непотребна сложеност во визуелизацијата, дозволивме гаражите да „блеснат“ без одвлекување на вниманието. Суштината се состоеше во едноставноста и ефективноста – ништо повеќе, ништо помалку. На крајот на краиштата, добриот дизајн не секогаш се сведува на смела декларација, туку знаењето кога треба да се направи чекор назад“.
Според приложените податоци, кампањата резултирала со над 1000 нови клиенти за Халкбанк кај малите и средни претпријатија во Македонија, 488.500 прегледи, 10+ партнерства со Start-up инкубатори, како и органска медиумска покриеност што е 21 пати поголема од првично предвидениот буџет за таа намена.
За потсетување, кампањата „Стартап пакет“ минатата година освои две награди на меѓународниот огласувачки фестивал Golden Drum 2024, благодарение на што агенцијата McCann Skopje ја доби и престижната титула за „Агенција на годината во Јадранскиот регион“ (“Adriatic Agency of the Year”). Кампањата освои две награди и на регионалниот фестивал за интегрирани комуникации Kaktus 2024.
Доделувањето на наградите за овогодишното издание на регионалниот креативен натпревар BalCannes 2025 ќе се случи за време на фестивалот Денови на комуникациите, кој ќе се одржи во Ровињ од 15 до 18 мај 2025 година.