Стартапот за вештачка интелигенција Perplexity ја изненади технолошката јавност со понуда од 34,5 милијарди долари за купување на интернет-прелистувачот Chrome од Google. Според информациите, компанијата доставила официјално писмо до извршниот директор на Alphabet, Сундар Пичај, во кое се наведува дека префрлањето на Chrome кон „независен оператор, посветен на безбедноста на корисниците“, ќе биде од општествена полза.
Понудата предизвика бројни реакции во технолошките кругови, главно поради тоа што предложената сума е значително пониска од проценетата пазарна вредност на најкористениот интернет-прелистувач во светот, со над три милијарди активни корисници.
Хит Аронс, инвеститор и основач на компаниите iSpeech и Voice.ai, ја оцени понудата како „ПР потег“ чија цел е повеќе медиумско внимание отколку реална аквизиција. „Само доколку Сем Алтман или Илoн Маск ја зголемат сумата најмалку трипати, би можеле да обезбедат вистинска доминација на пазарот на вештачка интелигенција“ – додава тој.
Според Томаш Тунгуз од фондот Theory Ventures, вредноста на Chrome е потенцијално десетпати поголема од понудата на Perplexity, што уште еднаш ја нагласува несразмерноста помеѓу изнесената бројка и реалната пазарна вредност на прелистувачот.
Иако сценариото за продажба на Chrome на стартап компанија изгледа крајно неверојатно, потегот на Perplexity ја нагласува засилената конкуренција во сферата на вештачката интелигенција и обидите на новите играчи да се наметнат во глобалната технолошка индустрија.