Пишува: Ирина Маја

Јас верувам дека наградите во струката (читај адвертајзинг) не се само украс за на полица.
Тие се доказ за занает, за мајсторство, за тоа дека оваа индустрија не е само “производство на реклами”, туку креативен труд што остава трага. Во адвертајзингот, наградата е јазикот на признанието. Таа е сигнал и кон клиентите и кон агенциите дека некој ја туркал идејата до крај, ја издржал битката со брифови, буџети и рокови – и произвел нешто што вреди да се препознае.
За клиентите, наградите се гаранција дека работат со тим кој знае да креира идеи што не се само ефективни, туку и влијателни. Клиентот кој има наградувана кампања добива многу повеќе од кликови и лајкови – тој добива културна валута, добива момент во јавноста што не може да се купи со медиумски план.
За нас пак, агенциите, наградите се валута на доверба. Тие се инструмент за инспирација, и нешто што го дига нивото и надвор и внатре во самата агенција. Наградите се наши аргументи при пичеви, тие се енергија и синергија на тимовите внатре, наградите се огледало дека сме повеќе од извршители. Без нив, агенциите се само ефтин сервис.
Да прозборуваме и за најголема заблуда.
Клиенти кои гледаат бројки и продажби, и агенции кои мерат наплатени часови повеќе отколку креирани идеи. И сите заедно преќутно си направивме еден компромис кој вели “ова не продава”.
И токму тоа е најголемата заблуда. Зошто добрата и наградувна идеја не само што продава туку таа создава бренд капитал што трае многу подолго од една кампања.
А тука е и мотивацијата и амбицијата. Без награди индустријата станува самодоволна, просечна и досадна. А просечноста убива. Без признание нема мерка за квалитет.
Ако сите броиме кликови, тогаш секоја банална банер реклама може да помине како “успех”. А тоа е далеку од адвертајзинг.
Наградите се посебно важни за агенциите од малите земји. Тоа е билет за глобална трка и разговор. Ако еве ние сме добиле награда, тоа значи дека можеме да играме во Лигата со најдобрите, иако доаѓаме од мала земја со мали буџети. Тоа е репутација која отвора врати за клиенти и нови можности.
Решението е едноставно и е win- win за сите вклучени, клиентите инвестираат во капиталот на својот бренд, а ние, агенциите ги користиме наградите за уште подобар квалитет и култура на креативност. Не како его трип, туку како доказ дека еве, ова функционира. И си размислувам, ако продолжиме со игнорантскиот однос кон струковите награди ја откажуваме амбицијата да бидеме подобри.
А јас лично, не сум тука за просечност.
















