Белгискиот пивски бренд Stella Artois ја лансираше својата верзија на нефилтрирано пиво, а по тој повод и кампањата: “Beer, au naturel”, која треба да звучи како “Beer, all natural” („Пиво, целосно природно“).
Според брендот, кампањата е позиционирана да го слави автентичниот и „гол“ начин на живот. „Нашата кампања “Beer, au naturel” ја зборува вистината за нашето природно нефилтрирано пиво – лагер во својата најприродна форма“ – истакна Мег Чедвик, постар бренд менаџер во Stella Artois Europe.
Во првата реклама која беше објавена со откривањето на новото нефилтрирано пиво на Stella Artois, гледаме нудистички спот на келнер кој носи пиво до локал во некое живописно и историско европско гратче, каде пак група на голи пивопијци опуштено уживаат во својот живот.
Покрај спотот кој ќе се емитува на телевизија, кампањата ќе вклучува и принт и out-of-home реклами, како и активности на социјалните мрежи. Кампањата се реализира со помош на агенцијата Mother London и продукциското студио Anonymous Content.