За потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, агенцијата за истражување М-Проспект од Скопје спроведе истражување за ставовите на публиката за радио и ТВ програмите во Р.Македонија.
Анкетата беше спроведена на територијата на Република Македонија, на случаен репрезентативен примерок од 1070 испитаници од популација на возраст над 16 години. Периодот на анкетирање беше Мај-Јуни 2014.
Во продолжение погледнете неколку клучни поенти од презентацијата на резултатите за ставовите на публиката за радио програмите:
- Просечно 42% од македонците слушаат радио, најголем процент од нив, тоа го прават речиси секој ден !
Кога ќе направиме демографска сегментација на испитаниците излегува дека мажите слушаат за 6% повеќе радио (45% од сите испитаници) во однос на жените (38,9%).
Со зголемувањето на степенот на образованието на испитаниците се зголемувал и уделот на оние кои слушале радио: 26,2% од испитаниците со основно образование, 41,5% од оние со средно образование, 53,4% од оние со вишо и високо образование и 66,5% од испитаниците со повеќе од високо образование.
- Радио најчесто се слуша наутро и помеѓу 10 и 14 часот!
Најголем дел од слушателите на возраст под 29 години слушале радио во периодот помеѓу 17 и 22 часот, а слушателите на возраст над 29 години во периодот помеѓу 10 и 14 часот.
- Радиото најчесто се слуша дома !
Дури 56,4% од испитаниците кои одговориле дека слушаат радио, рекле дека тоа најчесто го прават дома. Радио програма на работа најчесто слушаат 20,3% од испитаниците кои слушаат радио а 17,9% од нив тоа го прават додека возат.
Музиката се слуша најмногу !
Најголемиот дел од испитаниците кои одговориле дека слушаат радио изјавиле дека таму најчесто слушаат музика (76,5%) а потоа утринска програма (8,1%) и вести (5,5%).
Околу 18% од испитаниците кои слушаат радио сметале дека има содржини кои им недостасуваат на домашните радио канали, а на најголем дел од нив (23%) им недостасувале забавно-контактни емисии.