Државната бирократија, високите даноци, неможноста за наплата на побарувањата во разумни рокови, нејасни прописи и недоволно вмрежување се најголемите проблеми со кои се соочуваат малите претприемачи, покажуваат резултатите од анкетата која ја спроведе “Business Cafe“.
Анкетираните, исто така, мислат дека главна причина која ги спречува луѓето да стартуваат со сопствен бизнис е стравот од неуспех, недостатокот на капитал и честите измени на законските прописи.
Повеќе од половина од испитаниците мислат дека за нивниот успех пресудило вмрежувањето со многу работа и упорост.
Доколку, како што се вели во анкетата, би имале “магично стапче“ кое би ги унапредувало условите за работа, малите претприемачи би ги поедноставиле процедурите, би овозможиле едноставно затварање на фирмите, би ставиле рок за наплата од 30 дена, би работеле на едукација на населението за претприемништво уште од основно училиште, би направиле мрежа на ментори, би работеле на вмрежување, првите инспекции би биле советодавни, сите прописи и барања би ги обединиле на едно место итн.
Во анкетата учествувале 321 млад претприемач од пет земји : Македонија, Хрватска, Србија, БиХ и Црна Гора.
Анкетата ја спроведе Бизнис Кафе а податоците ги собра и обработи сараевската агенција GMS.