Home » Во фокусот » Што научивме од грабежот во НЛБ Банка?

Што научивме од грабежот во НЛБ Банка?

Пишувај си ти статии, колумни и совети како не треба да се реализираат ПР стратегии и активности кога еве, третата најголема банка во државава ти прави “конкуренција“ и преку пример дава бесплатни лекции..

Поминаа неколку дена од случајот поврзан со НЛБ Банка каде наводно нивен вработен од нивниот трезор украл околу 3 милиони евра (веројатно се толку) и не можам да се изначудам колку аматерски се снаоѓа банкава во ситуацијава, каде делуваат како првачиња кои не ја знаат азбуката, а треба да прочитаат напишана стихотворба.

Дека немале план за кризен ПР се гледа од авион, а ако имале веројатно им го шитнал некој аматер, бидејќи ова јавно однесување и комуницирање на банката не изгледа воопшто професионално и тоа треба да им се каже јасно и гласно. Но, види “чудо“, во одредени медиуми, како да изостана анализата на овој проблем, дали поради “купено влијание“ или пак, не доволно изострен осет  за подлабинско анализирање на овој настан? Наша задача на луѓе кои си ја штитиме комуникациската индустрија е да не преминеме преку овој случај туку-така.

Да бидам искрен, со изјавиве кои ги лиферуваат, ми изгледаат како воопшто да не го перцепираат проблемов во суштина, а дека се неодговорни, нетраснпарентни и се спротивно на она што промовирале дека се – гледаме од ден во ден. Ако мислевте дека еден бренд не може да се сруши преку ден- примерот со НЛБ ни покажува како недостатокот на стратегија за комуникации како и соодветна систематска, континуирана, професионална помош од ПР експерти/ПР агенција е доволна за една репутација да оди по ѓаволите и илјадниците евра фрлени за адвертајзинг, сега да не се доволни.

Еве најпластично да ја разгледаме ситуацијава. Ние, луѓето и компаниите, ги ставаме парите во банка за да не ги чуваме дома, бидејќи имаме страв дека некој може да не ограби. Е сега, ако нашите пари кои Ви ги даваме на чување кај вас се понебезбедни, тогаш имаме проблем и Вие и ние. Проблемот пред се` е Во Вашиот систем – кој дозволил ова да се случи!

Ајде проблемов да го разгледаме и малку пошироко. Ако Вас може да Ве ограби било кој (што е најтрагично Ваш вработен, значи човек кој заработува плата од приходите кои Вие ги остварувате за услугата која ни ја давате нам), значи, дека можеби не е безбедно да се штеди во банка (денеска 3 милиони-утре можеби 30). Ако не е безбедно да се штеди во оваа банка, тогаш јавноста размислува дека можеби не е сигурно да се штеди и во некоја друга банка. Ако се намалат штедните влогови генерално – ќе се намалат и пласманите во кредити и другите инвестиции, што пак овој проблем, го прави проблем за економијата, стопанството и целата држава. Ете, со ваков проблем и со ваква ситуација си имате работа во моментов.

Кога ќе се случи Ваков настан кој создава големи импликации на повеќе нивоа, првата работа која една организација треба да ја направи е во истиот момент кога пријавува во полиција да се јави на раководителот на својот ПР оддел или независен ПР експерт/агенција, кој/а ќе им помогне успешно да менаџираат со информациите и ново создадената ситуација.

ПР службата/агенцијата би го советувала менаџментот дека тие (компанијата) треба да ги контролира информациите, а најдобар почеток за тоа е да реагираат брзо со соопштение лиферувано низ неколку кредибилни канали и покана за прес-конференција посветена на случајот на кој ќе се одговорат сите дилеми и ќе се демонстрира одговорност. Да ги избрифираат opinion мејкерите во медиумите кои се најкредибилни за ваков настан и да се обидат секогаш да ги држат свежи со информации кои тие ќе ги продуцираат и први пласираат.

Оставка/отказ досега не видовме, а требаше да се случи истиот ден. Ако си одговорна банка, а се` уште и после неколку дена од случајот вработуваш кадар кој бил неодговорен и дозволил да затаи системот, значи дека нема ништо од искрените намери да се справиш со ситуацијата. “Главата“ на тој што е дирекно надлежен за секторот/одделот/трезорот  е прва на удар, но во вакви ситуации доблест треба да имаат и генералниот директор и претседателот на Управниот одбор и тие меѓу првите да “повлечат нога“ (и да, уште да бидат дел од кризниот штаб). Е ако имавте ангажирано солиден ПР професионалец, тој/таа немаше да “Ве гали“ и прв/а ќе Ви кажеше дека, дечки треба отказ да дадете за да покажеме дека сме искрени, дека ова се случи изненадно, е непосакувано и стварно работиме да се поправиме и да го елиминираме проблемот. Е сега вака, ќе струјат секакви шпекулации низ јавноста, народот ќе нагаѓа за случајот, а репутацијата ќе си тоне од ден во ден.

Да изгледаат уште поголеми аматери, во истиов период од Банката пуштаат информација дека сега имале мобилна апликација за правни лица. Несфатливо ми е како може некој да донесе толку глупава одлука дека сега е време да претстават нова услуга? Или можеби, мислеле дека со ова ќе го свртат (спинуваат) вниманието? Не сакам да верувам дека некој вработен или соработник на банката, во време кога се случи најголемиот банкарски грабеж во историјата на Македонија – размислува на овој начин, површно и потценувачки кон јавноста.

На нивниот веб сајт во делот соопштенија за јавноста, нема НИТУ ЕДНО поврзано со случајот, нити изјава нити ништо (еве ЛИНК), исто така нема никаква споделена информација ниту преку нивниот ФБ профил, што некако ми сугерира да верувам дека избрале пат на “заташкување“ на случајот, дефанзива, наместо офанзива – односно се спротивно на тоа што требаше да го направат.

Но, тоа е. НЛБ Банка си дозволила луксуз да не предвиди ваква ситуација и потреба од ПР експерт/ПР агенција и сега ќе ни служат за пример како не треба да се реагира во вакви ситуации и како не смее една организација да нема претходно подготвен план за кризни комуникации.

Бесплатен совет за крај: Немојте да Ви текне таа рекламата “НЛБ Станбен кредит – Твој дом, твоја слобода!“ да сте ја пуштиле периодов во јавноста….јаки стихови има: Шила прави што сака…има среќа и лесна ракаа…јееее :)

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365