Логото како еден од примарните елементи на визуелниот идентитет претставува првиот контакт на запознавање, перцепција и креирање свесност во релација конзумент-бренд.
Бучен Козјак е млекарница која полни 35 години, а во основата на својата неколку декадна позиција ги обединува фамилијарноста, традицијата и квалитетот како основни вредности. Но, Бучен Козјак во последните години вложи значителни ресурси и во иновации, се со цел задржување на врвниот квалитет.
Па оттука и потребата, овие промeни да се усогласат со естетиката на логото на компанијата и дизајнот на амбалажите на производите.
Логото на Бучен Козјак што до скоро се користеше со препознатливата кружна форма и серифна типографија, која ја прати линијата на логото со кириличен и латиничен испис, присутен е повеќе од три децении на пазарот. Во оваа композиција се приклучуваат и уште четири други елементи: година на основање, иницијални букви на основачите, кои се впишани во детелинка со кружна форма. И последниот елемент е буквата “Б” иницијалот на брендот, централно поставен.
Ваквиот тип на логоа е карактеристичен за тој период кога е е основана компанијата.
Предизвикот за ребрендирање во делот на визуелниот идентитет, односно креирање на ново лого за компанија со долгогодишна традиција претставува храбар потфат.
Целта на ребрендингот е да се задржат сите елементи но да се раскаже на визуелен јазик кој ќе функционира на сегашните дизајнерски трендови.
Главниот мотив во новото лого е зелента детелинка која го завзема централниот дел на логото односно на местот на буквата “Б”.
Детелинката со четири листа ја симболизира среќата и успехот на Бучен Козјак (фамилијарниот бизнис). Дизајнирана е во зрачна асиметрија со четири листа.
Поединечно секој лист претставува “срце”, симбол за љубов и посветеност кон професионалниот пристап и контиунираниот квалитет. Срцето освен што се појавува како секундарен елемент во детелинката, овој симбол е носечки елемент кој е акцентиран на амбалажите од течната линија продукти.
Типографијата на исписот “Бучен Козјак” повторно е со серифен фонт но со модерен стилизиран пристап, многу помасивен за разлика од предходниот.
Поставеноста на исписот е во вертикална композиција со цел да се добие јасна видлива перцепција.
Обраќајќи се директно на постојните купувачи, но и на новите генерации, “Бучен Козјак” со ребрендирањето гласно и прецизно порачува: – Остануваме свои, работиме од срце, во ритам со сегашноста, сосема подготвени за иднината.