Автор: Катерина Славова – директор на EasyPlatform во Македонија
Какво е однесувањето на корисниците на интернет? Што тие прават онлајн? Одговорите на овие прашања се потребни за сите компании и агенции кои го користат интернетот како канал за огласување, продажби, ПР и комуникација, бидејќи може многу да ни помогне за да ја анализираме нашата таргет група и да ги донесеме вистинските одлуки за каналите на комуникација кои треба да ги вклучиме во својот онлајн маркетинг микс. Затоа пред да ја стартуваме својата онлајн кампања треба да го имаме во предвид следново:
- Интернет корисниците се динамични
Луѓето секојдневно поминуваат голем дел од своето време на интернет – користат социјални мрежи (честопати повеќе од една), читаат вести и содржини на тема која ги интересира (честопати темите се различни во зависност од периодот во кој се наоѓа даден човек или неговите интереси во моментот – патувања, храна, спорт, музика, политика, вести, секојдневни случувања итн), гледаат видеа (или пуштат видеа, но табот не е активен и не го гледаат во секој момент, туку го користат како извор на музика), истражуваат преку пребарувачи, ги проверуваат мејловите итн итн. Затоа многу погрешни се сфаќањата од типот „моите клиенти се на Фејсбук“ или „Моите клиенти се во сајтот Х“ или „Моите клиенти не би посетувале сајт со такви содржини“. Вистината е дека вашите корисници се НАСЕКАДЕ. Повеќе или помалку на одредени места, но сепак насекаде и се многу динамични. Затоа треба да се потрудите да го анализирате нивното однесување и да ги планирате своите активности така што да ги опфатите своите потенцијални клиенти на што е можно повеќе места, со колку може посоодветна комуникација.
- Интернет корисниците се на Facebook, меѓутоа не сите
Македонија се одликува во висока пенетрација на интернет – 68,5% од населението користи интернет (според internetworldstats.com), што значи дека околу 1 440 000 македонци користат интернет. Од друга страна податоците за користење на Facebook покажуваат дека регистрација на социјалната мрежа имаат направено околу 1 000 000 македонци. Што значи дека има 1/3 разлика во бројот на луѓе кои користат интернет и тие кои имаат профил на Facebook. Затоа “Facebook” не е синоним на “Интернет”. Секако дека таа социјална мрежа мора да биде присутна и да и обратите огромно внимание при градењето на дигитална маркетинг стратегија, но не треба да биде единствен канал за комуникација и единствена основа на која ќе го базирате својот бизнис на интернет.
- Интернет корисниците истражуваат детално
Кој не знае за Google, кој не слушнал за него. Таму почнува и завршува се. Најпосетуваниот сајт во светот (и во Македонија). Изворот кој очекуваме да ги даде сите одговори и без кој не поминува ниту едно истражување и ниту една одлука. Колку и да инвестирате во интернет рекламирање, не може да бидете сигурни дека ќе ги „погодите“ корисниците во моментот кога имаат потреба од вашите производи или услуги. Дали ви се случило да прочитате или забележите реклами на одреден производ на Фејсбук или во некој веб сајт, но да немате време да разгледате или едноставно не е момент во кој би купиле нешто од тоа што се нуди. Меѓутоа поминува време и доаѓа момент во кој имате потреба од таков производ или услуга. И што правите тогаш? Пребарувате на Google со надеж дека во резултатите ќе ја најдете токму таа компанија, со понудата која сте ја виделе. И доколку во резултатите на Google се појави нејзиното име, веднаш го препознавате и брзо се одлучувате да кликнете и да дознаете повеќе за неа. Но доколку истата компанија ја нема во резултатите, а вие имате потреба од одредениот производ/услуга – тогаш одбирате друга компанија и така заработува нивниот конкурент. Затоа е задолжително да имате добро оптимизиран сајт за Google и е препорачливо да се рекламирате во Google Search. На тој начин ќе си обезбедите присуство во првите резултати на пребарувачот и нема да загубите клиенти за кои пред тоа веќе сте инвестирале и сте се потрудиле да ги достигнете со реклама.
- Интернет корисниците се нестрпливи
Времето е ресурс, кој за сите е важен. Во модерното општество никој не сака да чека. Посебно никој не сака да чека онлајн. Бидејќи сме навикнати на интернет се да се случува брзо, да штедиме на време и да си помагаме нештата да се случуваат полесно. Затоа интернет корисниците се осетливи кон потрошеното време и очекуваат кога посетуваат одреден веб сајт истиот да се вчитува брзо, да е лесен за користење и брзо да го пронајдат тоа што им треба. Доколку не се исполнети нивните очекувања следи само едно – излегување од сајтот. Затоа обрнете внимание на вашиот веб сајт – проверете за колку време се вчитува и дали е оптимизиран за различните уреди (десктоп, таблети, мобилни уреди). Задоцнување од само 1 секунда при вчитувањето на одреден сајт може да ги намали неговите конверзии со 7%, а 40% од интернет корисниците би затвориле одреден веб сајт доколку неговото вчитување одземе повеќе од 3 секунди. Затоа имајте во предвид – секунди се во прашање за да изгубите или придобиете одреден клиент.
- Интернет корисниците веруваат на мислењето на останатите интернет корисници
На што повеќе ќе верува еден интернет корисник? На атрактивна презентација на прозиводот на вашиот модерен веб сајт? Или на мислење на одреден човек на Facebook, во форум или група? Поверојатно второто. Во денешно време репутација се гради тешко, но се руши молскавично брзо. Затоа треба да бидете внимателни како комуницирате со своите потрошувачи, со каков впечаток остануваат тие не само од производите кои ги нудите, туку од целосното доживување со вашиот бренд. Бидејќи споделеното лично искуство е многу посилно од пораката на некој бренд. 70% од интернет корисниците тврдат дека позитивно мислење на пријател на Facebook делува позитивно на нивната одлука дали да купат одреден производ. И уште нешто многу важно – интернет корисниците им имаат доверба на останатите интернет корисници, но доколку се работи за влијание на инфлуенсери (блогери или други автори кои создаваат содржина), тогаш процентот на доверба расте уште повеќе. Нивното мислење честопати е закон за сите кои ги следат. Затоа на пример доколку управувате сопствена линија на козметика, испратете примерок до неколку популарни блогери, но оставете на нив да одлучат дали ќе го тестираат, дали ќе напишат нешто за производот, дали ќе го пофалат или не. Не очекувајте од нив, не им поставувајте услови, не им поставувајте рокови. Покажете го својот респект кон нивното мислење и тие ќе ви возвратат со истото.
- Интернет корисниците сакаат да се осеќат посебни
Од една страна кога се на интернет, корисниците си мислат дека ги прават повеќето нешта инкогнито – читаат, сурфаат, разгледуваат слики, видеа итн. Меѓутоа сите социјални медиуми имаат функција на подигнување на сомодовербата и на градење на јавен имиџ. За корисниците е важно колку лајкови или коментари имаат на одредена слика, следат кој ги лајкнал и кој не и тоа повеќе или помалку е важно за нив. Затоа на интернет корисниците не им се допаѓа кога се обраќате кон нив општо, бидејќи сакаат да се осетат посебни, сакаат внимание и се склони да возвратат со лојалност и доверба кон оние кои ќе им го дадат своето внимание. Персонализираните препораки можат да ги зголемат конверзиите на одреден сајт до 5.5 пати. Затоа персонализирајте ја комуникацијата со вашите потрошувачи на интернет и направете да се чувствуваат специјални.
Денес, за да имаме успех како компанија, не е доволно да имаме „присуство“ на интернет. Потребно е да имаме активна стратегија на повеќе нивоа – потребно е да вклучиме повеќе канали бидејќи Facebook ги нема предностите на Google и обратно, Pay-per-Click рекламирањето ги нема предностите на директниот закуп на реклами и обратно, Facebook fan страницата не може да го замени вашиот веб сајт и обратно. Затоа инвестирајте во анализа на вашите корисници и во правилна стратегија со повеќе канали и резултатите ќе дојдат брзо.