Aвтор: Димитар Тутковски, Senior Graphic Designer, Nova Solutions
Термините UX(User Experience) и UI(User Interface) се двете најзбунувачки полиња во арената на дигиталниот маркетинг. Повеќето луѓе се збунети кога ќе ги слушнат овие два термини кои што претставуваат две различни дисциплини на дизајн. Без сомнение, денес е вообичаено луѓето да ги користат наизменично или понекогаш погрешно, што станува главен проблем .
Со самото развивање на технологијата, се повеќе расте заинтересираноста за дизајн. За почетници, од голема важност е да се знае разликата помеѓу UX и UI т.е. да се има сеопфатно теоретско разбирање за дизајн е и неопходен чекор за да станете дизајнер за UX/UI.
Што претставува UX или User Experience дизајн?
Дизајн на користничко искуство (User Experience Design), познато како UX, претставува процес на истражување, развивање и подобрување на сите аспекти на интеракцијата која што ја прави корисникот (The User) со одреден продуктот со што ги задоволува неговите потреби. Целта е да се подобри самото корисничко искуство преку добиени резултати од оддредени тестови, креирајќи производ кој што ќе биде корисен и вреднуван, како и лесен за употреба.
UX дизајнот придонесува за самиот продукт кој што нуди ефективно искуство на корисникот. Истиот вклучува различни дисциплини, како што се информациска архитектура, анализа, корисничко истражување, креирање сценарија и прототипи, употребливост, дизајн на интеракција и многу повеќе.
Што претставува UI или User Interface дизајн?
Дизајн на кориснички интерфејс (User Interface Design), познат како UI, претставува визуелен изглед на продуктот, каде што дизајнерите одлучуваат како визуелно ќе го креираат истиот за да се постигне ефективно корисничко искуство. Добар UI дизајн помага да привлече што повеќе корисници и да обезбеди пријатно искуство при интеракција на производот.
Елементите на UI дизајнот вклучуваат содржина како што се документи, текст, слики, видео, форми како што се копчиња, тагови, текст полиња, checkbox полиња, drop-down мениа, графички дизајн, и поставува прашања како што се “Што ќе се случи кога корисникот ќе кликнe/повлечи/додаде”.
UI дизајнот бара од самите дизајнери да поседуваат развиени естетски и технички вештини. Улогата на еден UI дизајнер е да креира привлечни и убави кориснички интерфејси кои што будат позитивни емоции кај самиот корисник. Со други зборови, ако при прв поглед се воодушевите од визуелниот изглед на некоја веб страна, тоа главно се должи на работата на UI дизајн.
Како UX и UI функционираат заедно.
Во развивањето на еден дигитален продукт, дали тоа ќе биде обична веб страна или пак обемна платформа, не постои нешто каде UI дизајн е поважен од UX дизајн или обратно. Двете овие дисциплини одат рака во рака и претставуваат една целина во процесот на самото креирање. Занемарувањето на UX нема да ни помогне во креирање на добро корисничко искуство за да се креира статус на добар производ. А од друга страна, ако не се аплицира UI нема да ни помогне нашата веб страна да биде привлечна.
Споредбено, тоа би било како кога би купиле прекрасно декорирана торта која што всушност има ужасен вкус.
Денес, при креирање на еден дигитален производ од голема важност е истиот и покрај неговиот добар изглед да пружи пријатно искуство при самата интеракција со корисникот. Кога овие два аспекти се во целост задоволени ќе добиеме загарантирана употреба на истиот. Според тоа, потребно е да не се занемаруваат овие два аспекти.