Стриминг-платформата Disney+ покажа дека е во добра состојба при влегувањето во важната празнична сезона, откако објави пораст од 12 милиони претплатници во третиот квартал на годината, доведувајќи го вкупниот број на претплатници до 164,2 милиони корисници.
Порастот е значително поголем од проектираните бројки, според кои платформата требаше да додаде „само“ 9,35 милиони нови претплатници. Добрите вести доаѓаат пред планираното воведување на нов план за претплата поддржан од реклами на 8 декември, еден месец откако големиот конкурент Netflix воведе сопствено ниво на претплата со реклами.
Netflix во моментот има нешто над 223 милиони претплатници ширум светот, што е значително повеќе од Disney+. Меѓутоа, доколку кон бројките на Disney+ се додадат и претплатниците на стриминг платформите Hulu и ESPN+, кои исто така се во сопственост на Disney, тогаш американската медиска компанија има вкупно 235,7 милиони претплатници на своите три стриминг платформи.
Меѓутоа, ваквата нумеричка предност допрва треба да се претвори во финансиска придобивка за компанијата, со оглед на тоа што нејзините вкупни приходи изнесувале 20,15 милијарди долари, што е помалку од проценките на финансиските експерти за достигнување 21,3 милијарди долари.
Сакајќи да воспостави нови текови на приходи на својот пат кон профитабилноста, платформата Disney+ започна и со пробна продажба на промотивни материјали на своите претплатници, нудејќи низа тематски производи базирани на популарни франшизи како што се Star Wars, Marvel и Pixar.