Студенти од Машинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот за уметност од Цирих (ZHdK), Швајцарија, во петокот, ги презентираа своите креативни дизајн решенија пред македонската јавност.
Изминатиов месец, 48 мешани тимови на студенти од македонскиот и швајцарскиот универзитет, работеа на развој на студентски проекти во областа на економијата, културата и општествената иновација со користење на креативни методи. Студентските проекти насловени како „Нова интерпретација на македонската традиција“, „Брeнд за природна македонска храна“, „Концепт за областа Маврово“ и „Урбан центар за креативност и одржливост“ понудија решенија на дизајн со општествено и економско влијание.
Презентацијата, која се одржа во просториите на Сули Ан (во Старата скопска чаршија), беше потпомогната од Швајцарската амбасада преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.
„Проектот и дизајните на студентите имаат силна социјална компонента. Овие дизајн решенија ја балансираат потребата од индивидуалност со потребата од општеството, до таму што може и да го трансформираат општеството и да го направат подобро“, рече Катарина Штокер, заменик директор за соработка во швајцарската амбасада.
Таа верува дека со оваа соработка меѓу Програмата за зголемување на пазарната вработливост и Универзитетите од Македонија и Швајцарија ќе се помогнат младите студенти да добијат поголемо практично искуство, по кое полесно и побрзо ќе се вработат по завршување на студиите.
„Соработката уште повеќе ќе ги развие истражувачките вештини и дизајн капацитетите на студентите, но во истовреме ќе промовира нови начини на учење од врсници и соработка меѓу институциите“, изјави Штокер.
За деканот на Машинскиот факултет во Скопје, професор Атанас Кочов, соработката меѓу студентите од двата универзитети е бесценето искуство, кое ќе им помогне во потрага по вработување.
„Изразувам огромна благодарност до Владата на Швајцарија, која преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост и швајцарската амбасада во Македонија, финансиски го поддржаа овој проект со кој покажуваме дека далечината не значи ништо, односно дека интеркултурните врски значат многу повеќе за развој на нашиот регион. Ваквите проекти треба да се поддржуваат и понатаму. Ова е прв ваков проект во Македонија каде 50-тина студенти заедно работеа на негова реализација. Се надевам овој концепт ќе го следат и други и ќе помогнат да направиме нови креативни концепти и да ги насочиме студентите кон претприемништво“, рече Кочов.
Целта на оваа соработка беше да се добие нов пристап при дизајнирање на производи со кој ќе се влијае на постојните наставни програми, како и да се промени начинот на кој студентите ќе соработуваат со бизнисите при развојот на овој вид производи. Во следниот период ќе се продолжи и со развој на изготвените студентските проекти и бизнис идеи преку постоечките хаб центри во Македонија.