Логото на филмското студио Metro-Goldwyn-Mayer (MGM) претставува предмет на фасцинација веќе долго време, пред сé поради препознатливиот лав кој рика пред почетокот на секој нивни филм. Оваа недела, студиото го лансираше својот обновен бренд идентитет, одбележувајќи ја првата промена на логото на компанијата од 2012 година.
За прв пат во својата историја, лавот во логото на MGM претставува компјутерски генериран графички елемент, а не снимка од вистински лав. Имено, улогата на лавот досега била играна од страна на седум различни лавови, кои соодветно симболизираат различни ери во развојот на кинематографијата. Првиот лав Слетс ја одбележувал ерата на неми црно-бели филмови, лавот Џеки го симболизира воведувањето на бојата, додека пак најскорешниот вистински лав, Лео, е присутен од 1957 година. Лео конечно се „пензионира“ за да биде заменет со компјутерски генериран лав кој соодветствува на современите трендови во кинематографијата.
Рамката и панделките од логото добија поголема живописност и детали, како и металичен изглед, одразувајќи го концептот на визуелен идентитет „вреден за својата тежина во злато“.
Како главен слоган во својот промотивен материјал и комуникација, MGM ја воведува реченицата “Art for Art’s Sake” („Уметноста заради уметност“), што претставува англиски превод на латинскиот слоган “Ars Gratia Artis” кој стои на панделките од компаниското лого.
Студиото објави и светликав златен монограм, составен од првите букви на “Metro Goldwyn Mayer”, во ист фонт како целосниот натпис кој е дел од логото.