Хокеарскиот клуб ZSC Lions од Цирих најде незаборавен начин да им се оддолжи на фановите по „тивката сезона“
Пандемијата на „Ковид-19“ го сврте наопаку животот каков што го познававме, фрлајќи непредвидливи ситуации и предизвици во секоја индустрија, па така и во спортската, која поголемиот дел од изминатата година го помина или во пауза или без публика.
Во Швајцарија, хокеарскиот клуб ZSC Lions, ја одигра целата сезона без публика. За да го одбележат овој историски период, агенцијата Сервисплан дојде до интересна идеја за буквално да ја флашира страста на љубителите на хокејот на мраз.
Агенцијата направи план да ја флашира водата од целото стопено лизгалиште, а шишињата со вода им ги поклони на сопствениците на сезонски билети.
Крајниот резултат е „уникатен спомен на тивката сезона 2020/2021“, а целта е да предизвика возбуда за евентуалното враќање на хокејот на мраз.
Во оваа прилика, агенцијата Сервисплан создаде едноминутен дигитален филм.
Шишиња со стопен мраз од 15 милилитри, наречени „Essence of Lions“ доаѓаат од лизгалиштето Hallenstadion, домот на клубот од Цирих, ZSC Lions.
Клубот даде неколку смешни предлози за тоа што да прави со овај спомен – од крштевање на бебињата на навивачите на ZSC Lions до оживување на мртвите домашни растенија или полирање на трофеите.
„Со неколку ледени капки, овој проект ги загреа срцата на обожавателите во овие тешки времиња“, рече Раул Серат, креативен директор на Сервисплан Швајцарија. „Како креативец, најмногу сум горд на креирањето на нешто што ги инспирира и потсетува луѓето на она што навистина им е важно“.