Пред некоја година на Маркетинг365 пишувавме за еден интересен пристап кога туристичкото биро на Шведска (VisitSweeden) ја стартуваше кампањата во која кога креираа “службен“ Твитер акаунт на Шведска (@Sweeden), кој го распределуваа на нивните граѓани и им дозволуваа да твитаат што тие мислат дека е најдобро како би привлекле гости во Шведска.
Имаше тогаш и некои испади на Швеѓаните, но генералниот заклучок беше дека кампањата донесе повеќе добро отколку лошо. Дека беше одлична идеја, потврда е и Канскиот лав во категоријата Cyber од 2012 година.
Идејата околу таа комуникациска платформа е жива и до ден денеска, па програмата “Curators of Sweeden“ трае и продолжува со тоа што овојпат “искуството“ за Шведска се пренесува преку телефон :)
Шведска стана првата земја во светот со свој единствен телефонски број. “Шведскиот број“ кој можете да го побарате на +46 771 793 336 , ќе ги поврзува јавувачите од целиот свет со случајно одбрани Швеѓани кои се пријавиле да бидат своеврсни амбасадори на земјата. Финтата е во тоа што тие не поминали низ никаква обука, ниту пак имаат добиено било какви упатства околу тоа што би требало да зборуваат (или уште подобро, што не треба да кажат).
Кампањата е дело на агенцијата Ingo Stockholm која е дел од WPP групацијата, за Шведската туристичка заедница. Поентата е да се понуди потполно нефилтриран поглед на животот во Шведска, без обзир на очигледните резици на таквиот потез. Кампањата истовремено се софпаѓа и со 250-годишнината од укинувањето на цензурата во Шведска.