Компанијата Clear Channel Шведска ги замени рекламите на нивните дигитални билборди во Стокхолм со упатства до засолништа, секогаш кога температурите драстично ќе паднат
Компанијата за надворешно огласување Clear Channel од Шведска лансираше одговорна кампања вредна за пофалба, во рамките на која ќе дава насоки до најблиските засолништа за бездомниците во Стокхолм за време на студените зимски месеци.
Градот Стокхолм во соработка со црквите и невладините организации, отвори посебни засолништа за деновите кога температурата паѓа до минус 7 степени целзиусови, а компанијата Clear Channel ќе обезбеди клучен придонес кон оваа иницијатива, автоматски заменувајќи ја содржината на рекламите на своите дигитални билборди со насоки до најблиското засолниште.
Педесет и три билборди се активирани околу Стокхолм за оваа пилот програма, со акцент на областите во кои се знае дека се собираат бездомници, а проектот ќе трае повеќе од два месеци.
Ола Клингенборг, потпретседател на Clear Channel International за Северна Европа, изјави: “Нашите билборди се наоѓаат таму каде што се луѓето, а благодарение на технологијата, ние можеме да развиеме решенија кои можат да им помогнат како на поединците, така и на градовите. Ова е нешто што го гледаме како продолжување на нашата работа во создавањето вистински вредности во градовите во кои работиме “.
Овој проект за Clear Channel Шведска го креираше агенцијата Prime Weber Shandwick.