Телекомуникациската компанија Vodafone објави нова реклама за ирскиот пазар со која ја промовира својата нова услуга на “Супер WiFi”, односно безжичен интернет кој стигнува до секоја просторија на колку и да било голем дом, без никакви проблеми.
Рекламата прикажува момче-тинејџер кој се обидува да изврши приватен видео-повик во неговиот дом, но никако не успева поради бучавата која ја предизвикуваат останатите членови на семејството. Момчето на крај се искачува на највисоката соба во домот, кој всушност гледаме дека претставува светилник, и благодарение на супер интернетот на Vodafone, успева без проблем да го изврши својот важен повик кој има и среќна завршница.
Симболиката на спотот е доста интересна, доколку светилникот, кој ја зрачи својата светлина за да ги води бродовите низ немирното море, се изедначи со Wi-Fi рутерот кој го зрачи својот интернет за да ги води луѓето низ „немирните води“ на дигиталната иднина.
Покрај централниот спот кој ќе се емитува на телевизија и на интернет, кампањата ќе вклучува и радио и out-of-home активности.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Grey London и продукциската куќа Spindle.