Во рамки на 19-та меѓународна PRO PR конференција беше формиран нов огранок на Светската асоцијација за односи со јавноста (PRCA), а Надја Лутвикадиќ Фочо беше именувана за претседателка на новиот огранок за Босна и Херцеговина од страна на членот на управниот одбор на PRCA, Рена Марксон.
„Задоволни сме што ја лансиравме нашата мрежа во Југоисточна Европа и го донесовме нашето знаење, искуство и стандарди во регионот. PRCA е меѓународна организација без граници. Задоволство ми е да ја најавам Надја Лутвикадиќ Фочо за наш претседател за Босна и Херцеговина. Нејзината посветеност на етиката и професионализмот во односите со јавноста и комуникациите ќе биде од непроценлива вредност кога ќе почнеме да ја поддржуваме локалната индустрија. Ова е одлична земја, со толку многу историја и култура, а PRCA е привилегирана што е тука сега“ – посочи Рена Марксон.
По повод ова именување, Надја Лутвикадиќ Фочо рече:
„Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на претставниците на PRCA што ме назначија за претседател на ова угледно здружение. Босна и Херцеговина е единствената земја во регионот која нема здружение за односи со јавноста, а уште повеќе вклучувањето на Босна и Херцеговина во глобалното здружение на ПР професионалци е значајно бидејќи отвора голем број можности за поединци, агенции , компании и институции. Исто така, сакам да му се заблагодарам на мојот работодавец, BH Telekom, за можноста стратешки да управувам со комуникациите.
Основната вредност на нашата професија е да утврдиме зошто зборуваме на некоја тема, која е основата на нашата одлука да создадеме и пренесеме порака, да создадеме приказна, да градиме брендови и да ги поставиме темелите на она што јавноста го гледа, слуша и чувствува. Ние сме тие кои ја носиме одговорноста тоа да го направиме со добра волја, да бидеме свесни во секој момент за моќта на секој наш чекор, потег и збор што ја менува перцепцијата за реалноста во која живееме.
Би сакала да ја промениме перцепцијата за нашата професија кај компаниите, институциите, агенциите, клиентите и медиумите. Впрочем, време е да работиме на односите со јавноста преку поврзување на веќе остварени експерти во областа на односите со јавноста, но и оние кои штотуку почнуваат, а кои можат да дадат огромен придонес доколку им се даде вистинската можност.
Во време кога комуникациското знаење се девалвира, ние сме тие кои ќе можеме да ја одредиме вистинската вредност на она што го нудиме. Во ера кога пораката што ја носиме е поважна од кога било и еден изговорен збор трајно влијае на патот по кој одиме – да не дозволиме да се заборави сето она што го прави нашиот совет да биде вреден, дури и кога не е пожелен, прифатлив, усогласен со она што некој сака да слушне од нас.
Ние сме тука за да помогнеме во донесувањето правилни одлуки, да ги создадеме нивните рамки, да понудиме увид во можните сценарија и да ги предвидиме последиците од секој потег на оние кои бараат наш совет. Оној кој ја разбира важноста на односите со јавноста може да постигне многу поголеми цели отколку што замислил и поставил пред себе. Кој ја разбира вредноста на добриот збор, човечкиот однос и создавањето врски што носат тежина за годините што следат – тој навистина ја открил тајната на нашиот занает.
Важно е секогаш да наоѓаме цел во она што го правиме бидејќи само пораката и акцијата со цел има своја вистинска и опиплива вредност. Ви благодарам за довербата“ – заклучи Надја Лутвикадиќ Фочо.