Забрзаниот развој на моделите за машинско учење и вештачка интелигенција остава „кисел вкус“ кај новинските агенции и медиуми ширум светот, особено затоа што овие алатки во многу случаи неовластено се обучуваат на нивни содржини и интелектуална сопственост.
Во едни такви услови, американскиот дневен весник Њујорк Тајмс ги презеде првите чекори во спречувањето на вештачката интелигенција да ги „собира“ нивните содржини. Имено, новинската куќа ги ажурираше условите за користење на нивните содржини за да додаде нова точка против обучувањето на вештачка интелигенција.
Новото правило наведува дека компанијата ја забранува употребата на нивните содржини – „вклучувајќи, но не ограничувајќи се на текст, фотографии, слики, илустрации, дизајни, аудио клипови, видео клипови, изглед и чувство, метаподатоци, податоци или компилации“ – за „обука на систем за машинско учење или вештачка интелигенција“ без претходна писмена согласност.
„Без претходна писмена согласност од Њујорк Тајмс, нема да ја користите содржината за развој на која било софтверска програма, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, обука за систем за машинско учење или вештачка интелигенција“ – уште еднаш нагласува публикацијата, додавајќи дека нивниот материјал е наменет за „лична, некомерцијална употреба“.
Според Тајмс, непочитувањето на нивните услови за користење може да резултира со „граѓански, кривични и/или административни казни, парични казни или санкции против корисникот и оние што му помагаат“.
Ревидираните упатства даоѓаат еден месец откако група на новински организации, предводени од Associated Press, се здружија за да повикаат на поголема регулација на вештачката интелигенција.
Во отвореното писмо кое тие го испратија, а беше потпишано од повеќе новирани и фотографи, стои: „Ние го поддржуваме одговорното унапредување и пласирање на генеративната вештачка интелигенција, истовремено верувајќи дека мора да се развие правна рамка за да се заштитат содржините што ги обучуваат апликациите за вештачка интелигенција, како и одржувањето на јавната доверба во медиумите“.