Австрискиот бренд за накит Swarovski доби нов визуелен идентиет кој е резултат на неговата посветеност кон дизајнот, науката, имагинацијата и магијата.
Создаден под водство на првата глобална креативна директорка на брендот, Џована Енгелберт, со помош на њујоршката агенција General Idea, новиот бренд идентитет на Swarovski ја „кристализира“ 125-годишната традиција на компанијата и ја насочува кон посветла иднина.
Најзначајна промена во ребрендирањето на Swarovski е новото лого, кое го задржува препознатливиот лебед, но овој пат замислен како рефлективен кристал сместен во октагонална рамка. Лебедот има поизвишен врат и глава, како да собира сила со цел да полета. Според Swarovski, лебедот ја отелотворува убавината на природата и моќта на вечната љубов.
Друг значаен додаток кон обновениот визуелен идентитет на Swarovski е новиот разигран фонт составен од букви кои изгледаат како неправилни кристали во различни бои кои светкаат под различни агли.
View this post on Instagram
Ребрендирањето е проследено и со лансирањето на нова колекција насловена WonderLab, која ја следи визијата на креативната директорка Џована Енгелберт за оригинална индивидуалност во секоја смисла. Новата колекција е промовирана од страна на група модели кои ги надминуваат границите на полот, возраста и бојата на кожата.
Новиот визуелен идентитет на Swarovski ќе се најде на нивните пакувања, продавници, рекламни материјали и дигитални канали на комуникација.