Надминувајќи ги можностите на обичен паметен часовник, швајцарскиот бренд на луксузни часовници TAG Heuer и германскиот производител на автомобили Porsche заедно создадоа часовник кој не само што го покажува времето, туку и овозможува контрола врз неколку модели автомобили на Porsche.
Дизајнот на новиот часовник именуван како “TAG Heuer Connected Caliber E-Porsche Edition” е инспириран од најпродаваниот електричен спортски автомобил на Porsche, новиот Taycan. Покрај него, моделите на Porsche кои можат да се користат со часовникот ги вклучуваат Panamera (G2), Cayenne (ED II), 911, Macan и 718, меѓу другите.
TAG Heuer го опишува часовникот како „продолжение на вашиот спортски автомобил“.
Часовникот има куќиште од 45 мм направено од титаниум од 2 степен и рамен сафирен кристал што го штити OLED дисплејот од долната страна.
Дисплејот на часовникот е наречен „Circuit“ („Коло“/„Круг“), во чест на електричните контролни табли кај автомобилите, но и „круговите“ што се поминуваат на тркачките патеки.
Можеби најуникатната карактеристика на часовникот е неговата способност да ги кажува виталните податоци на автомобилот со кој е поврзан. Корисниците на часовникот ќе можат да ја следат километражата, температурата, нивото на гориво и акумулаторот на нивното возило.
Има и дисплеј кој може да ги одведе корисниците до апликацијата MyPorsche, од каде што тие далечински ќе можат да контролираат некои од функциите на автомобилот, како греењето и климатизацијата.
Часовникот ќе може да издржи цел ден со едно полнење. Исто така, има сензор за следење на отчукувањата на срцето, можности за поврзување преку Bluetooth и пристап до разни апликации, благодарение на системот Wear2 од Google.
Овој проект ја означува втората соработка помеѓу двата брендови, по лансирањето на часовникот “TAG Heuer Carrera Porsche Chronograph” минатата година.
Новиот часовник “TAG Heuer Connected Caliber E-Porsche Edition” ќе се продава по цена од 2.750 американски долари.