Во 2018 година, најголемите светски технолошки компании потрошиле на лобирање повеќе пари од кога било досега во историјата. Според извештајот објавен од страна на Ројтерс, најголем лобист минатата година беше Google, кој на оваа активност потрошил 21,2 милиони долари, што е најголемиот износ потрошен за оваа намена од 2012 година (кога започна со лобирање).
Потоа следат Амазон, кој на лобирање потрошил 14 милиони долари, како и Фејсбук со потрошени 12.62 милиони долари (што исто така е максималниот износ кој компанијата го потрошила досега за остварување на политичко влијание).
На четврто место е Мајкрософт со 9,52 милиони долари (износот е зголемен за еден милион долари во споредба со 2017 година). Епл се наоѓа на петтото место и е една од ретките компании која ги намали инвестициите за лобирање во текот на 2018 година (од 7,15 милиони долари на 6,62 милиони долари). Дури и Твитер минатата година за прв пат го надмина износот од милион долари потрошени за оваа намена. Заедно, најголемите технолошки компании во текот на 2018 година, на лобирање потрошиле 64 милиони долари.
Можеби причината за значително зголемување на трошоците за лобирање е и тоа што законодавците ги притискаат споменатите компании. Директорите на Facebook, Google, Twitter и Apple минатата година мораа да сведочат пред Конгресот за начинот на кој нивните компании ги штитат податоците за корисниците. И како законодавците продолжуваат да предлагаат нови идеи за тоа како да се регулира технолошката индустрија, се очекува дека горенаведените компании да продолжат да го зголемуваат износот на пари инвестирани во лобирање, во обидите на тој начин да се влијае на донесувањето на прописи и закони.