Словенечката телекомуникациска компанија Telemach Slovenia, дел од United Group, постигнала договор со Garnol за аквизиција на компанијата за развој и продажба на електронски комуникации и опрема Т-2.
Со овој договор Telemach Slovenia првично ќе стекне 24,9% од капиталот на Т-2. По добивањето на согласност од надлежните регулатори, Telemach Slovenia, согласно условите од потпишаниот договор за аквицизија, ќе се стекне со најмалку 98,06% од акциите на Т-2.
Трансакцијата ќе овозможи континуиран стабилен развој на Т-2 и ефективни инвестиции во најсовремени технологии, производи и подобрени кориснички искуства. Споените Telemach и T-2 ќе им понудат на клиентите технолошки напредна оптичка мрежа, подобрени мобилни услуги и неограничени пакети, придонесувајќи за националните цели за поврзување и покриеност со 5G.
„Постигнатиот договор овозможува конкурентна иднина за Т-2, која беше загрозена од заканата од банкрот. Со оваа аквизиција го зајакнуваме нашиот капацитет за понатамошни инвестиции во најсовремената мобилна и фиксна телекомуникациска инфраструктура, напредни технологии, како и иновативни производи и услуги. Убедени сме дека консолидацијата на индустријата е клучна за одржување на конкурентноста на словенечкиот пазар и за подобрување на дигитализацијата и поврзувањето, што ќе ја зајакне словенечката економија на долг рок“ – истакнува Томислав Чизмиќ, извршен директор на Telemach Slovenia.
„Т-2 е извонредна и успешна компанија која е лидер во технолошкиот развој на словенечкиот телекомуникациски пазар во последните 20 години. Со оваа трансакција компанијата Т-2 ќе може да продолжи успешно да го развива својот потенцијал на словенечкиот пазар. Решението што го дава Telemach е од клучно значење за нашите вработени, корисници и деловни партнери. Веруваме дека ова партнерство ќе донесе позитивни промени на телекомуникацискиот пазар и ќе придонесе за уште подобро корисничко искуство за сите наши претплатници“ – додава Јуриј Крч, мнозински сопственик на компанијата Garnol и правен застапник на Т-2.