Најгледани содржини на регионалните и локални телевизии се „вести“, „информативна програма“ и „забавната и/или музичка програма“
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ги објави податоците од истражувањето на агенцијата Market Vision во однос на досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално ниво, за вториот квартал од 2016 година.
Во вториот квартал на 2016 година, дневниот досег на сите телевизиски канали заедно изнесува 72,4% што претставува пад во однос на претходниот квартал кога досегот на овој медиум беше 79,1%.
Најгледани ТВ канали на територија на Р. Македонија се националните ТВ канали Сител со просечен дневен досег од 36,38% и Канал 5 со просечен дневен досег од 29,54%. По нив следуваат ТВ Алсат-М со 16,25% и ТВ Телма со 15,67% просечен дневен досег.
Помеѓу телевизиите што зрачат на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа најгледана е телевизијата 24 Вести, по што следуваат ТВ 21, Канал 5 плус и Сител 3. Најгледани содржини на овие телевизии се „вести“ и „информативна програма“.
Сите регионални и локални ТВ канали заедно остваруваат вкупен дневен досег од 15,3% од вкупната популација.
Помеѓу регионалните ТВ канали, најголем неделен досег во својот радиодифузен регион во првиот квартал од 2016 година остварува КТВ (15,0% од популацијата во регионот Д1 Велес), К Три (13,3% од популацијата во регионот Д2 Страцин), Стар ТВ (14,9% од популацијата во регион Д3 Туртел), ТВ Вис (16,7% од популацијата во регион Д4 Боскија), ТВ Тера (15,0% од популацијата во регион Д5 Пелистер), ТВ О2 (15,3% од популацијата во регионот Д6 Мали Влај), ТВ Канал Три (20,0% од популацијата во регион Д7 Стогово), ТВ Коха (36,3% од популацијата во регион Д8 Попова Шапка), додека досегот на најгледаната телевизија ТВ Едо во регион Д1 Скопје е 7,5%.
Најгледани содржини на регионалните и локални телевизии се „вести“, „информативна програма“ и „забавната и/или музичка програма“, при што во радиодифузниот регион Д1 Скопје доминантна содржина е „игран филм“ додека во сите останати региони доминира содржината „вести“.
Речиси половина од населението или 48,2% телевизискиот сигнал го добива преку кабелски оператор, потоа следува IPTV со 27,3%, Boom TV со 9,0%, обична антена без месечна претплата 5,8% и сателитски приклучок – 5,3% од населението. Минимален дел од населението – 0,5% не поседува телевизор во домот.
Целото истражување може да се погледне на следниов ЛИНК.