Британскиот дневен весник The Guardian лансираше интегрирана кампања преку која, во наредните пет недели, директно ќе ја повикува јавноста да се претплати и финансиски да го поддржи неговиот опстанок.
Агенцијата Karmarama создаде спот од 30 секунди, насловен “A space worth supporting” („Простор вреден за поддршка“), кој ќе се фокусира на примери во кои натписите на Guardian директно предизикале некаква промена во општеството, како што биле случаите со разоткривањето на скандалите Windrush и Cambridge Analyticа.
„Постои простор каде замолкнатите се слушнати и каде властите се присилени да слушаат… Нашето новинарство може да ја промени приказната, да создаде простор за јасност, имагинација и надеж… Тоа е простор кој вреди да се поддржи,“ е пораката која ја испраќа спотот.
Покрај оваа реклама, кампањата со наслов „Subscribe to change“ (Претплати се за промена) ќе вклучува и принт, digital, outdoor, email, search и social активности, кои ќе ги води агенцијата Oliver.
The Guardian се соочува со финансиска загуба во последниве неколку години, при што уште во 2016 за прв пат почна да повикува на поддршка од читателите преку својот веб сајт. Овие повици резултирале со 570,000 претплати и 375,000 единечни донации.
„Овој пат, одиме подалеку од демонстрирањето на општествената важност на нашето новинарство и директно ги повикуваме луѓето да не’ поддржат во нашата мисија,“ изјави Соња Судакар, маркетинг директор на Guardian News & Media, по повод новата кампања, додавајќи: „Особено сум задоволна поради одличната соработка со различните агенции и новите начини на работа“.