Еден од најпознатите дневни весници во САД, The New York Times, неодамна ја лансираше својата нова бренд кампања насловена “More of Life Brought to Life“, илустрирајќи како нивното новинарство ги поврзува читателите со поширокиот свет.
Според весникот, ова е нивна прва маркетинг кампања фокусирана на моделот на претплата, промовирајќи го широкиот опсег на нивната понуда која ги опфаќа омилените теми и страсти на публиката, но исто така и игри, кулинарски рецепти и резенции на производи.
Во соработка со креативната агенција Droga5, кампањата ќе се осврне на три главни теми: „Патики“, „Гравитација“ и „Време“. Преку секоја навидум „обична“ тема, читателите ќе бидат одведени на патување за тоа како овие секојдневни теми се поврзани една со друга и влијаат на сè околу нас.
Секој од спотовите открива како една почетна точка во новинарството, како што се патиките, може да стане катализатор што носи изненадувачки и информативни откритија за читателите, притоа обликувајќи го нивниот поглед на светот.
„Оваа креативна кампања го истражува испреплетениот стил на обезбедување врски, откритија и контекст на нашите читатели за да можат подобро да го разберат светот околу нив. Ова патување отсликува како нашиот најангажиран читател комуницира со Тајмс“ – посочува потпретседателката на весникот, Ејми Вајзенбах.
Кампањата ќе се реализира од април до јуни, а покрај спотовите кои ќе се емитуваат на телевизија ќе вклучува и дигитални, принт и out-of-home реклами, како и активности на социјалните мрежи.