Американската компанија за облека The North Face, во партнерство со онлајн-продавницата Zalando и глобалниот моден и медиумски бренд Highsnobiety, лансираше нова кампања инспирирана од интернет-жаргонската фраза „Go touch grass“ („Оди, допри трева“). Наместо бескрајно скролање низ социјалните мрежи, кампањата ги охрабрува луѓето да излезат надвор и повторно да се поврзат со природата.
Во центарот на кампањата е краток филм во кој настапува DJ Lovefoxy, која по цел ден безцелно скролање сфаќа дека ѝ е потребна вистинска промена. Таа тргнува на планинска авантура, а глас зад кадарот со ироничен тон ги коментира навиките на современиот човек, заробен во дигиталниот свет. Филмот на симболичен начин ја прикажува трансформацијата што ја носи излегувањето во природа и искуството на вистинскиот допир со светот надвор од екранот.
Комбинирајќи ја естетиката на мим-културата со автентичниот дух на активностите на отворено, кампањата успева да се обрати до младата дигитална публика. Со хумор и визуелна препознатливост, таа го пренесува едноставното, но силно потсетување дека животот се одвива во реалноста, а не во виртуелниот простор.
Стилот на кампањата е карактеристичен за меѓународната медиумска платформа Highsnobiety, при што совршено ја надополнува и основната порака на The North Face – повик да се излезе надвор, да се движи, да се дише и да се почувствува светот во неговата природна форма.





















