Американскиот дневен весник The Washington Post е основан во далечната 1877 година, но дури сега лансираше својата прва бренд кампања на национално ниво.
Насловена “Impact” („Влијание“), кампањата претставува серијал од 30-секундни спотови кои го илустрираат влијанието на новинската организација врз светот на новинарството. Односно, секој од спотовите ќе презентира една значајна вест која за прв пат била публикувана токму од The Washington Post.
Првиот од спотовите ги презентира т.н. „Авганистански документи“ – серијал на истражувачки стории кои разоткриваат тајни документи поврзани со американската инвазија врз Авганистан.
„ Сакавме да ги зграпчиме луѓето на емоционално ниво и да создадеме нешто смело и во стил и тон што ќе стане препознатливо и уникатно за The Washington Post“ – истакнува Корати Кели, генерален комуникациски директор на новинската организација.
Кампањата е реализирана со помош на медиската агенција Noble People, креативната агенција Buddha Jones, како и консултантот Енду Есекс од GoingConcern.