Новата социјална мрежа на Мета, наречена Threads, која многумина ја опишуваат како алтернатива на Твитер, за кратко време стана најбрзо симнуваната апликација во светот.
Само два часа по нејзиното лансирање средата вечер, кон платформата се приклучиле 2 милиони корисници. До моментот кога генералниот извршен директор на Мета, Марк Зукерберг, одлучил да си легне да спие, бројот на преземања достигнал 10 милиони. Следното утро кога се разбудил – видел бројка од 30 милиони корисници, како што пишува самиот тој.
Во само 16 часа, Threads стана најбрзо симнуваната апликација во светот, рушејќи го претходниот рекорд на ChatGPT. За споредба, на четботот со вештачка интелигенција му требале пет дена за да достигне 1 милион симнувања, односно два месеци за да достигне бројка од 100 милиони симнувања. Според актуелната динамика, се очекува дека Threads ќе ја стигне таа бројка многу порано.
Растот на Threads доаѓа како резултат на фактот што голем број корисници на Твитер се незадоволни од начинот на кој Елон Маск ја води компанијата откако ја купи минатата есен, па на Threads гледаат како соодветна алтернатива каде ќе ја вратат „славата“ на „стариот“ Твитер.
Тоа, сосем разбирливо, не им се допаѓа на Твитер.
Во писмо од средата, адвокатите на Твитер се заканиле со правна постапка против Мета, обвинувајќи ги дека користеле деловни тајни од нивните поранешни вработени за да ја изградат платформата Threads. Твитер, исто така, побара од Мета да ги чува внатрешните документи кои би биле релевантни за спорот меѓу двете компании.
По лансирањето на Threads, сопственикот на Твитер, Елон Маск, јавно напиша дека: „Конкуренцијата е добра, но мамењето не е“.
По однос на целата ситуација се огласи и ко-основачот на Твитер, Џек Дорси, кој исто така ја нападна новата апликација на Мета: „Сакавме летечки автомобили, наместо тоа добивме 7 клонови на Твитер“.
На нападите од Твитер одговори Енди Стоун, портпарол на Мета, кој на Threads напиша дека ниту еден поранешен инженер од Твитер не работел на Threads: „Тоа едноставно не е точно“ – посочи тој.
Останува да видиме како ќе се развива Threads и каква ќе биде разврската на нарушените односи помеѓу Мета и Твитер.