Минатиот месец беше соопштено дека социјалната мрежа TikTok ја достигнала бројката од 100 милиони регистрирани корисници на Европскиот континент.
Неодамна од страна на новинската агенција Блумберг беа објавени и информации за бројот на корисници во поголемите западноевропски земји, кои дополнително сведочат за неверојатниот раст на оваа платформа.
Имено, според новинската агенција, а врз основа на информации од TikTok, четвртина од Британците, односно 17 милиони луѓе, го користат TikTok секој месец, во просек поминувајќи вкупно 66 минути дневно, отворајќи ја апликацијата 13 пати на ден.
Во Франција, TikTok достигна бројка од 11 милиони корисници, кои исто така во просек поминуваат околу 1 час на платформата.
Германија има 10.7 милиони корисници, Шпанија има 9.8 милиони, а Италија – 8.8 милиони корисници на TikTok.
Најстраствени корисници на социјалната мрежа се Норвежаните (вкупно 1.2 милиони корисници), кои апликацијата ја отвораат дури 17 пати на ден, консумирајќи по 74 минути на видео-содржини.
Мнозинството од корисниците се жени – 65% во Британија, 75% во Шпанија и околу 56% во Норвешка и Шведска.
Важно за истакнување е дека истражувањето било проведено само врз корисниците кои имаат наполнето 18 години, што значи дека бројката на европски корисници на TikTok е уште поголема доколку се земат во предвид и потенцијалните бројки на малолетни корисници.