Популарната кинеска апликација „ТикТок“ се најде под посебна контрола во Европската унија откако голем број европски здруженија за заштита на потрошувачите се пожалија на наводни прекршувања на законите за заштита на потрошувачите, како и дека апликацијата не ги заштитува децата од скриено рекламирање и несоодветна содржина.
Приговорите се насочени првенствено на правилата за користење на ТикТок, кои, како што истакна Европската група за заштита на потрошувачи BEUC, се „нејасни, двосмислени и во корист на ТикТок, а на штета на корисниците“.
Нивните услови за заштита на авторските права се исто така нефер затоа што тие му даваат на ТикТок неотповикливо право на користење, дистрибуција и репродукција на видеата објавени од корисниците, се вели во соопштението.
Тие исто така укажуваат на нефер практиката на купување виртуелни предмети кои корисниците можат да им ги „подарат“ на ѕвездите на ТикТок.
ТикТок не ги заштитува децата и тинејџерите од скриено рекламирање и потенцијално штетна содржина на својата платформа, додава BEUC, истакнувајќи дека методите за обработка на корисничките податоци се многу нејасни.
“Компанијата треба правилно да ги информира своите корисници за своите деловни модели и обработка на податоци и да престане да им наметнува нефер услови и практики на корисниците. ТикТок треба да престане да ги држи корисниците во мрак во врска со финансиските последици од купувањето виртуелни подароци за нивните омилени ѕвезди, како и да ја подобри правичноста на својата платформа. Децата и тинејџерите треба да бидат особено заштитени во контекст на нивната изложеност на маркетинг, скриено рекламирање и несоодветна содржина“, се вели во соопштението на BEUC, истакнувајќи дека ТикТок исто така треба значително да го ограничи собирањето податоци, профилирањето и таргетираното рекламирање на корисници помлади од 18 години.
Здруженијата на потрошувачи од 15 европски земји исто така го пријавиле „Тикток“ до нивните локални регулатори од кои бараат акција против оваа апликација.