Социјалната платформа TikTok ја назначи Луси Бенкс за нов директор за партнерства и бренд маркетинг во Европа. Бенкс претходно работеше во YouTube каде ја извршуваше функцијата на директор за бизнис развој за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Таа го прави трансферот после шест години поминато во YouTube и матичната компанија Google, каде започнала како директор за содржини за брендови во споменатиот регион, за двете компании.
Претходно работела во германскиот медиски гигант Bauer Media, каде исто така поминала шест години во улогата на извршен креативен директор. Пред тоа работела во креативните агенции Initiative и Zenith.
„Ние градиме нова понуда за партнерски решенија и тим кој ќе развива креативни можности за брендовите да бидат партнери во највозбудливите содржини на TikTok, на начин кој ќе им овозможи да играат активна и значајна улога во овие културни текови – и сето тоа осмислено да им испорача силен деловен поврат,“ посочи Луси Бенкс во однос на нејзината нова задача во TikTok.