Социјалната мрежа ТикТок се соочува со судски спор поради начинот на собирање и користење на податоците од децата кои ја користат оваа популарна платформа за споделување на видеа.
Поранешната британска комесарка за заштита на децата Ен Лонгфилд поднесе тужба во име на милиони деца во Велика Британија и Европската унија.
Доколку се утврди дека „ТикТок“ го прекршил законот, компанијата ќе мора да плати голема отштета.
Подносителите на тужбата тврдат дека ТикТок ги зема личните податоци на децата, вклучувајќи телефонски броеви, видео записи, точна локација и биометриски податоци, без доволно предупредување, транспарентност или потребната согласност која е наведена во законот.
Ниту децата, ниту родителите не знаат што се прави со тие информации, наведува Би-Би-Си.
Лонгфилд за Би-Би-Си изјави дека родителите имаат „право да знаат“ какви информации се собираат преку „нејасната пракса за собирање податоци“ на ТикТок.
Компанијата изјави дека нема основа за тужба и дека ќе се бори да го докаже тоа.
„Приватноста и безбедноста се приоритет на ТикТок и воспоставивме силни политики, процедури и технологии за заштита на сите корисници, особено тинејџерите“, соопшти компанијата.
Социјалната мрежа ТикТок, која е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, има повеќе од 800 милиони корисници ширум светот.