TikTok планира да им овозможи на своите корисници да создаваат сопствени филтри за изменета реалност (augmented reality) преку нова алатка наречена “TikTok Effect House”.
Алатката е моментално во фаза на бета-тестирање, а компанијата им нуди на креаторите на содржини на платформата ран пристап до неа со цел да можат да ја испробаат и да дадат свои коментари и забелешки.
Филтрите за изменета реалност кои корисниците ќе ги создадат со алатката потоа ќе можат да ги користат директно во апликацијата за споделување на видеа.
„Секогаш размислуваме за нови начини како да донесеме дополнителна вредност до нашата заедница и да го збогатиме корисничкото искуство на TikTok. Моментално експериментираме со начини како да им дадеме на креаторите на содржини дополнителни алатки за да ги реализираат своите креативни идеи за TikTok заедницата,“ посочува претставник на компанијата за магазинот TechCrunch.
Бидејќи алатката сé уште се наоѓа во експериментална фаза, нема познат датум кога таа ќе биде широко достапна за јавноста.
Потенцијално, во иднина, таа нема да биде лимитирана само на изменета реалност, туку можеби ќе се прошири на целосна виртуелна реалност.