Оние кои уживаат во содржината на популарните тиктокери наскоро ќе „уживаат“ и во рекламите кои што се обидуваат да им ги продадат омилените производи на оние чија содржина најчесто ја следат.
„ТикТок“ веќе започна да ги информира корисниците за новите промени за огласување што ќе стапат на сила на 15 април и дека наскоро ќе им бидат прикажувани реклами засновани на она што најчесто го гледаат на платформата. Поставките поврзани со рекламите ќе се менуваат автоматски, така што до корисниците наместо општи би стигнувале персонализирани реклами. На овој начин, рекламите ќе се доставуваат врз основа на корисничките податоци, а информациите ќе можат да ги користат и надворешни огласувачи.
Корисниците ќе можат да ги ресетираат поставките доколку сакаат, што значи дека имаат одредена контрола над сопствените податоци. Персонализираните реклами на ТикТок платформата не се ништо ново, така што заинтересираните веќе можат да изберат поставки што овозможуваат прикажување на „поперсонални“ реклами. Измените значат дека персонализираните реклами ќе бидат стандардната опција од средината на април и ќе имаат предност пред општите реклами.