Популарната апликација ТикТок воведе одредени забрани за рекламирање за да се осигура дека нејзините млади фанови ќе останат здрави
„ТикТок“ воведе нови правила, вклучително и оние што забрануваат рекламирање на апликации поврзани со пост, како и рекламирање на додатоци за слабеење. Новите правила забрануваат реклами и содржина која „промовира штета и негативна слика за телото“.
„Овие видови реклами не го поддржуваат позитивното, инклузивно и безбедно искуство кон кое се стремиме на ТикТок“, велат од компанијата.
“ТикТок“ воведува „строги ограничувања“ на рекламите поврзани со губење на тежината, а исто така ги ограничува рекламите што промовираат производи за контрола на телесната тежина за корисниците на ТикТок на возраст под 18 години.
Од компанијата наведуваат дека луѓето можат да блокираат содржина, корисници и коментари за кои сметаат дека се вознемирувачки и да пријавуваат реклами што ги кршат правилата.
Статистичките податоци покажуваат дека 69 проценти од корисниците на ТикТок се на возраст меѓу 16 и 24 години. Од друга страна, дури 46 проценти од корисниците на Фејсбук се лица постари од 65 години.
“ТикТок“ не само што има база на млади корисници, туку е и повеќе визуелно ориентирана од некои други социјални мрежи. А, фотографиите и видеата можат да бидат особено штетни за самодовербата на една млада личност. На пример, повеќе од 70 милиони објави на Инстаграм го имаат хаштагот #fitspo, кој може да шири нездрави стандарди за телото.
Кон крајот на минатата година, Инстаграм спроведе слични политики за рекламирање со кои се ограничува објавувањето диети и производи за слабеење.