Автор: Тодор Стојчевски, сопственик на Чептер 4 Македонија
Водењето бизнис, во што секако подразбира и раководење со Агенција за односи со јавност, е исто како да се качувате по скали. Се движите по „угорнината“ кон зададената цел. Некој побрзо, некој побавно. Некој полесно, некој потешко. Но, треба да внимавате кого сретнувате кон врвот. Затоа што кога ќе се враќате надолу, по истите скалила, ќе ги сретнете токму оние лица кои Ви помогнале или се обиделе да Ви попречат при качувањето. И секако, на неколку скалила, секогаш постои платформа. Некој ја користи за одмор, друг за ревизија (што направил, каде се наоѓа и каде треба да се движи), некој застанува на таа позиција и хибернира, а некој воопшто не ја користи. Зависи од личноста, идејата, целта…
1.Бидете фокусиран и внимателен „лидер“ – Мора да бидете фокусирани. Тоа значи да поставите цели и внимателно, да ја одредите патеката на движење до постигнување на таргетите. Пример, годинава сакаме да добиеме пет нови клиенти, да задржиме најмалку половина од клиентите со кои работиме, да го зголемиме тимот за двајца и да направиме одреден профит. Тогаш, употребете го целото свое знаење, умеење и синергија во тимот, заеднички да ги постигнете целите. Кога велам внимателен, како лидер, мислам на успешно менаџирање со клиентите, колегите, комуникациите, проектите.
2. Подготовете се – Добра подготовка, половина завршена работа. Секогаш добро подгответе се за клиентот. Посветете максимално внимание на сите детали во вашата презентација или материјали за состанок, пролистајте и дознајте повеќе за клиентот. Мора да бидете „играч на ниво“, да комуницирате со клиентот речиси како да сте дел од неговата идеја. Доколку добро се покажете, многу полесно е да Ве прифати како партнер во постигнувањето на неговата поставена цел.
3.Клиентите се „светост“, но и Вие сте Бог – Не постои мал или голем клиент. Секој клиент заслужува соодветно професионално внимание. Затоа, секогаш однесувајте се кон него како нешто свето. Тој секогаш е во право, бидејќи најдобро си го познава производот/услугата или компанијата/институцијата. Но, доколку сакате и дефинитивно, морате да имате фер однос, тогаш имате позиција на еднаквост. Мора да го водите низ лавиринтот на успешно комуницирање и организирање. Тој е Бог бидејќи знае што има, но Вие сте Бог бидејќи знаете како тоа што го има клиентот, најдобро и најефективно, да го сознае јавноста, односно неговите таргет јавности. Затоа, мора добро да се познавате и да функционирате беспрекорно.
4. Колегите се Вашето второ „семејство“ – Не е само флоскула, туку реалност. Најмалку осум часа дневно, пет дена неделно (некогаш и повеќе). Семејство затоа што имате иста цел, мисија, визија. Работите на исти или заеднички проекти. Без разлика дали сте во иста канцеларија или во различна држава. Остварувате приход, делите енергија. Затоа, еден од колегите (не секогаш хиерарски највисоко позиционираниот), е лидер, водач на групата која соработува со еден клиент, но придонесот и успехот се заеднички. Затоа што, најдобро е со клиентот да комуницира еден професионалец од Агенцијата, но работата се врши тимски. Најтешко е да задржите клиент, но и одличен работник.
5. Јавноста бара почит – Затоа, почитувајте ја. Секогаш анализирајте ја, осознавајте ја. Бидете во тек со нејзините потреби, очекувања, фрустрации, неисполнети желби. Анализирајте ја по разни основи и правете статистики. Иако јавноста е нехомогена маса, сепак, секогаш може да се извадат заеднички содржатели, точки на спојување, во интерес на клиентот. Од друга страна, комуницирајте вистински, без обиди за лажење и надмудрување на јавноста. Таа можеби се однесува ирационално, но одлучува врз рационални и индивидуални параметри. Многу бргу ќе биде откриен вашиот обид за спин доколку не ја кажувате вистината.
6. Конкурентите се ваши водачи – Бизнисот се развива само доколку постојат други со кои може да се „натпреварувате“. Со квалитетни идеи, нови продукти, професионален пристап. Потребно е да „соработувате“, да се познавате меѓусебно, но и да се диференцирате за пазарот да да Ве препознае. Толку сме мали како општество што, речиси, може лично да се познавате со колегите од нашата професија кои работат во „конкурентските“ Агенции. Дружете се, разговарајте за професијата, надградувајте се заеднички. Затоа што, никој не може да функционира сам, уште помалку да се надева на успех.
7. Мерете ги резултатите – Се во животот (и во професијата) мора да биде мерливо. Постојат алатки и механизми се што работите да се изрази во бројна вредност. Затоа што, клиентите се повеќе го бараат тоа. Да видат што добиле (квантитативно и квалитативно) за сопствено вложените пари. Бизнис логиката вели со мал внос напари (инпут) да се добие добар финансиски бенефит. Иако, во нашата професија, бенефитот не мора секогаш да биде изразен во пари, сепак, се може да се мери – број на објави, квалитет на информации, зголемување на репутација, детектирање на конкуренција на клиент, успех во организација на настан.
8.Љубопитноста е Ваша одлика – Ова е една од ретките професии која доколку сакате да ја работите мора да бидете „со сетилата“ во полн ек. Се треба да Ве интересира. Познавањето разни области ќе Ви овозможи поголем дијапазон на разновидни клиенти. Затоа, постојано прашувајте, комуницирајте, учете. Следете ја професијата, нејзиниот развој, новитети. Бидете љубопитни што се случува со клиентите. Информирајте се и за нешта за кои во моментов немате употребна вредност. Дури и најбанално добиената информација, во одреден момент, ќе добие на вредност.
9. Учете се – не може да се функционира во професијата доколку постојано не се надградувате, не се едуцирате. Затоа што, доколку Вие тоа не го правите, тоа го прават колегите од другите Агенции. Доколку се едуцираат, значи знаат повеќе. Односно, може повеќе и подобро да му понудат на потенцијалниот клиент. Постои литература, одлични книги и прирачници, одлични интернет страници каде секојдневно може да читате и да се надградувате. Завршувањето факултет не значи крај на едукацијата. Добивањето позиција на работното место, уште повеќе обврзува да се едуцираме.
10. Работете холистички – Длабоко верувам и сум убеден дека само со интегрален, холистички, пристап во работењето се постигнува успехот. Како „менаџер“, акаунт, за одреден клиент имате можност да ја знаете „големата слика“ и затоа, најдобро е да ги менаџирате колегите кои учествуваат во создавањето на мозаикот. Доколку раководите со Агенција, тогаш имате можност (и одговорност) кога се работи да ги имате в предвид сите аспекти на функционирање. Затоа што Вие и вашиот кредибилитет, на крај ако сакате и пари, се ставени „во игра“. За да бидете лидер мора да работите со умот, телото, срцето и духот.