Овој текст првично е објавен во водечкиот дневен економски весник во Австрија “Wirtschaftsbaltt“, каде накратко Тодор Стојчевски, извршниот директор на Чептер 4, ја претставува состојбата на професијата односи со јавност во Македонија
„Во Македонија мнозинството луѓе мислат дека односите со јавноста се исто што и маркетингот или дека се ограничуваат само на контакти со новинарите“, вели Тодор Стојчевски, сопственик на Агенцијата за односи со јавност „Чептер 4“.
За разлика од Австрија, во Македонија односите со јавноста се многу млада област.
„За односите со јавноста тука се зборува околу една деценија“, вели Стојчевски.
Неконкурентен пазар
Агенцијата Чептер 4, чие седиште е во Виена, има претставништва и на други места освен во Австрија и во земјите на поранешна Југославија, како што се агенции во Унгарија, Бугарија и во Романија. Во Македонија, Агенцијата работи од 2011 година и Стојчевски работи за клиентите на целата мрежа. Суштината е за секој клиент, кој работи само со еден соговорник, да се направи и реализира стратегија за односи со јавност во сите земји во централна и југоисточна Европа.
Македонскиот медиумски пазар е специфичен. Најголемиот барател на услуги е владата. „Пазарот е мал, затоа и најголемиот дел од колачот од маркетингот го заземаат најголемите компании. Исто така, ниска е и свесноста за потребата од односи со јавноста“, вели Стојчевски. „Се уште има простор и ние се бориме за него“.
За овој професионалец во односите со јавност повеќе од добредојдено ќе биде стартувањето на пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ: „Со тоа ќе дојдат повеќе компании, а ќе се зголемат и шансите за бизнис“.