Јапонскиот автомобилски бренд Тојота го откри својот нов визуелен бренд идентитет, дел од напорите на компанијата да прерасне во „попрогресивен бренд со гаранција за својата долгорочност во дигиталниот свет“.
Ребрендирањето е дизајнирано од страна на агенцијата The&Partnership и вклучува поедноставено лого, нова палета на бои и фонт.
Препознатливото лого на Тојота составено од три елиптични елементи останува, меѓутоа тие сега добиваат „сплескан“ и дводимензионален изглед со цел поголема практичност во дигиталниот свет. Ваквата промени ги следи примерите на други автомобилски брендови како Nissan и Volkswagen кои исто така го напуштија тродимензионалниот изглед на нивните логоа.
Овој дизајн комуницира едноставност, транспарентност и современост и е совршено прилагоден за дигиталниот простор, но е подеднакво ефикасен и во физичкиот свет.
Тојота исто така го изостави своето име од новото лого, сметајќи дека овалниот амблем е доволно препознатлив.
За примарни бои на брендот се избрани белата боја и една верзија на црно-тегет боја, со можност за дополнителна употреба и на црвената боја.
За целите на брендот е создаден и нов sans-serif фонт наречен “Toyota Type”, дизајниран од страна на Monotype, со цел дополнителна конзистентност и јаснотија во комуникациите на брендот.
Директорот за дизајн на The&Partnership, Ден Бекет, зборувајќи во однос на ребрендирањето на Тојота истакна дека целта на проектот била да се модернизира брендот, „подготвувајќи го за годините што доаѓаат“.