Ненад Ристовски кој работи како Head of digital во агенцијата Публицис Скопје, во својата гостинска колумна на Маркетинг365 ни ги пренесува 5-те најважни трендови во дигиталниот маркетинг кои ќе доминираат во 2016-тата година:
- Мобилен маркетинг
Зголеменото користење на мобилните уреди (смартфони и таблети) од страна на корисниците логично ја наметнува потребата од следење на овој тренд и од страна на огласувачите. Google објави дека пребарувањето (google search) преку мобилни уреди во десетина земји веќе го надмина пребарувањето од десктоп компјутери. Дури и во Македонија во сообраќајот на домашните сајтови мобилните уреди учествуваат веќе со 40-50%.
Предвидувањата на ZenithOptimedia се дека на глобално ниво до 2018 година мобилниот маркетинг ќе го надмине десктоп огласувањето. Притоа огласувањето на мобилни уреди ќе има најголемо влијание на растот на целокупното глобалното огласување. Проценките се дека мобилниот маркетинг ќе учествува со дури 87% во вкупниот раст на глобалниот рекламен буџет во следните 2-3 години.
- Видео огласување
Видео рекламите не се ништо ново во светот на дигиталното огласување. Youtube веќе е преплавен од pre-roll видео реклами кои буквално ги бомбардираат корисниците пред да го гледаат посакуваното видео. Со вклучувањето на социјалните мрежи, пред се Facebook и Инстаграм во овој сегмент, видео огласувањето се очекува уште повеќе да доминира во следните неколку години. Причината за ова е што овој тип на огласување е сеуште многу ефтин и ефикасен.
- Контент маркетинг
Во последните неколку години дисплеј огласувањето (пред се банери) се соочува со сериозни предизвици: интрузивност на рекламите, се позачестено користење на Ad block-ери од страна на корисниците, притисок од легислатива која може да го загрози огласувањето, ограничување на Flash рекламите, измами со импресии (Ad Fraud) и сл. Сето ова оди во прилог на зголемување на значењето на контент маркетингот во дигиталната индустрија. Најсилните врски со потрошувачите денес се креираат такму преку квалитетни интернет приказни кои корисничкото искуство го ставаат во центарот на вниманието.
Во тој контекст може да се очекува креирањето на оригинална и квалитетна содржина да биде во фокусот на интерактивната комуникација на брендовите во 2016 година. Содржината мора да биде повеќе насочена кон корисниците отколку кон самиот бред, за да биде вредна за споделување.
- Виртуелна реалност
Оваа година ќе бидеме сведоци на експлозија на пазарот на уреди за Виртуелна и проширена реалност. Веќе се најавени десетици VR уреди кои ќе се лансираат во 2016, најголем дел од кои ќе бидат дел од гејминг индустријата. Oculus Rift веќе е во фаза на пред-нарачка, а очекувањата на рекламната индустрија од овој тип на уреди се огромни. Виртуелната реалност ќе понуди директна интеракција со брендовите и нивните производи, како и сосема ново ниво на интеграција со социјалните платформи.
Со комерцијализацијата на VR уредите и нивната се поголема достапност до секој корисник, во следните неколку години ќе гледаме се поквалитетни и пореални платформи и игри, кои ќе се обидат да ги срушат бариерите меѓу реалниот и виртуелниот свет.
- Internet of Things (IoT)
Комуникацијата на уред со уред, односно машина со машина е веќе реалност. Автоматското менаџирање со енергијата во домот, автономни возила, автоматизирано управување со залихи итн. се проекти кои IoT индустријата се повеќе ќе ги нуди на пазарите ширум светот.
Голем број на стартап компании својата шанса на пазарот се повеќе ќе ја бараат преку ваков тип на решенија. Се очекува до 2020 година преку 34 милијарди уреди да бидат меѓусебно поврзани, а приближно 6 трилиони долари ќе се инвестираат во во IoT решенија во следните 5 години. Тоа е шанса што брендовите едноставно не смеат да ја пропуштат.