Како водата што е за рибите, така и Европското фудбалско првенство е за брендовите и адвертајзинг индустриите ширум светот…
После пандемиски период во кој многу кампањи беа стопирани, многу спотови нереализирани, медиските закупи минимизирани… дојде големиот глобален спортски настан ЕУРО2020 кој обедини милионска публика, а со неа и многу кампањи на брендовите што го следат духот и страста на фудбалот деновиве.
Периодов многу внимание предизвикува феноменот на кинеските адвертајзери на ова ЕУРО (во листата на големи спонзори се дури 4 кинески од вкупно 12) и адвертајзинг “хистеријата” во Велика Британија од каде доаѓаат дури 3 репрезентации (Англија, Шкотска и Велс), но интересно е што во Македонија, каде ова ЕУРО има посебен шмек затоа што за прв пат учествува и нашата фудбалска репрезентација, освен неколку компании и брендови, повеќето и немаа некаква насочена комуникација со која би “пливале” на бранот наречен ЕУРО2020 и настапот на македонската репрезентација.
Со овој текст сакаме да ги пофалиме оние што со своите реклами, активации и останати активности придонесуваат за убавата “празнична” атмосфера која за прв пат се случува кај нас, а е поврзана со едно европско првенство во фудбал.
Македонски Телеком
Според авторот на овој текст, најдобра ТВ реклама поврзана со ЕУРО2020 и македонската репрезентација направија од Македонски Телеком. Перфектно продукциски реализирано дело, со одлично сценарио, приказна, наратив и емоции кои се надградија во вистинско време во моментумот кога беше лансирана официјалната химна од ФФМ и започна да се “билда” атмосферата во пресрет на ЕУРО. Еве ја пак, чисто да поуживаме:
Скопје Сити Мол
На тема активација на корисници и поврзување со ЕУРО 2020 предводи Скопје Сити Мол кој го препозна “ритамот” на навивачката еуфорија и го надгради шопинг искуството со поставки за фудбалски игри за сите фанови и се’ присутен навивачки декор низ целиот мол, што придонесува за празничната атмосфера и славењето на тоа што периодов им е најважно на посетителите. Интересно е тоа што учесници се натпреваруваат во 5 арени (фудбал-голф, фудбал куглање и гол за прецизност) игри каде е потребно двајца учесници ( фудбал-билјард, фудбал- флипер ).
А1 Македонија
А1 не потсети на “Црвена” – најпознатата навивачка химна за фудбалската репрезентација било кога направена, преку динамичен видео спот кој ни споделува многу навивачки прегратки на фудбалскиот амбиент и има свој продажен момент кој понудените услуги ги поврзува со гратис репрезентативен дрес.
Кока Кола
Кока Кола е секогаш верен партнер на сите големи фудбалски натпреварувања и секако дека ниту ова Европско првенство не може да помине без активно вклучување на најпознатиот светски пијалок преку своите специјални кампањи. Во Скопје бевме сведоци на инсталации за активација на корисници поставена пред Скопје Сити Мол која додека ја набљудувавме забележавме дека е прилично многу посетена. Посетителите играат и добиваат гратис пијалок за да се разладат на топлото време...
ПИВАРА СКОПЈЕ
Како што личи, оваа топ листа ја зокружуваме со најпознатиот домашен пивски бренд Скопско, кој се вклучи во навивачката еуфорија со кампања и комуникација во неколку слоеви (специјален дизајн на етикета, поддршка за создавање на навивачката химна на репрезентацијата, вклучување во видео подкасти, наградни игри и сл), но, сепак она по што ќе остане СКОПСКО најзапаметено овој период е видео спотот лансиран во пресрет на почетокот на првенството со приказна каде е вклучена спортската и коментаторска легенда Атанас Костовски и спот што ги поврзува емоциите на минатото и сегашноста. Браво и наздравје!
Што ние пропуштивме? Ви остави ли Вам силен впечаток некоја друга домашна кампања поврзана со Европското фудбалско првенство и настапот на македонската репрезентација ? Пишете ни!