Трендот за алоцирање на раководењето со профилите на социјалните медиуми на големо веќе е присутен меѓу македонските компании.
Маркетинг и ПР агенциите од земјава речиси без исклучок во својот “каталог“ ја вклучија и оваа услуга. На пазарот “прсти вмешаа“ и еден куп други “компании“ кои почуствуваа дека можат да одговорат на предизвикот професионално да управуваат со фан страните и профилите на социјалните мрежи (Пред се ФБ и Твитер….а потоа LinkedIn и YouTube) , па и тие се борат да лапнат дел од колачот.
Ако веќе услугите кои се нудат горе-долу се стандардни (апдејтирање на статуси, одговарање на прашања, FB ads, зголемување на фан базата, иницирање комуникација и потикнување публицитет…) цените за овие услуги на големо варираат и се движат во распон од 150 до 500 евра месечно.
Некои агенции се нафаќаат да работат 24/7 а некои мислат дека оваа услуга можат да ја понудат само во тек на работно време.
Било како, на македонските компании им останува да бидат паметни во изборот и ако веќе решиле оваа активност да ја алоцираат надвор од својата компанија (за што постојат и добри и лоши страни…но во друга прилика за тоа) – да ја изберат агенцијата која најмногу и најбрзо може да влезе “во филмот“ на компанијата па професионално да може да одговори на предизвиците кои раководењето со профилите на социјалните мрежи ги носи !
Денеска би направиле еден мал update на информацијата за тоа кои топ три Агенции стојат позади Фан страните на брендовите, на најголемата социјална мрежа – Фејсбук, според податоците кои ни ги овозможува Socialnumbers.com во моментов на подготвување на оваа статија.
– Според Socialnumbers.com, агенција бр.1 во Македонија, според бројот на ФБ фан страни со кои раководат (68) и вкупниот број на базата на фанови на кои им се обраќаат (1,610,749 фанови ) е агенцијата BrandUnion која има можност да менаџира со ФБ фан страните на брендови како: VIVA, Porsche Macedonia, Стоби Флипс, My:time , Canon, Млекара Здравје Радово, Bonitas, Sport Vision, Club Seat Macedonia, Cevitana, Подравка МК, Пекабеско, Пакомак и др.
– Втора македонска агенција според бројот на ФБ фанови на кои им се обраќа е Nova Solutions (вкупно 778,944 фанови) која менаџира со вкупно 47 ФБ фан страни меѓу кои и на BiMilk, BiFruit, Schatze парфимерии, Добра Вода, Accent компјутери, Мерцедес Македонија , Саравита, Митсубиши и др.
– Трета агенција (рангирана според број на ФБ фанови на кои им се обраќа) според socialnumbers.com е маркетинг агенцијата Публицис кои управуваат со ФБ фан страната на T-mobile Macedonia, L`oreal paris Hrvatska, ZOO Skopje, Септолете, Garnier Hrvatska и др. Вкупно менаџираат со 20 ФБ фан страници и фан база од 479,898.
Имајте во предвид дека овој распоред не е константен и може лесно да се смени во секој момент бидејќи можни се промени од страна на компаниите (да ангажираат друга агенција место сегашната или да почнат да раководат сами) со што ќе влијаат на промена на оваа топ 3 листа на агенции кои раководат со ФБ фан страните на македонските брендови!
Вкупната листа на агенции кои стојат позади ФБ фан страните на македонските брендови како и информации и статистики поврзани со корпоративното управување и различни параметри поврзани со ФБ фан страните можете да видите на следниов ЛИНК.
Извор на статистиките: SocialNumbers.com